На 23. Октомври — Денот на македонската револуционерна борба, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска, се обрати на свеченото отворање и учествуваше на XIII Меѓународна тркалезна маса „Македонски континуум“, во организација на Македонскиот културен форум од Пула. Во рамките на тркалезната маса учествуваа еминентни и меѓународно реномирани македонски универзитетски професори и интелектуалци.
На свеченото отворање свои поздравни обраќања имаа и претседателот на Македонскиот културен форум, Алдо Климан, Владимир Торбица, началник на Управата за култура при Истарската жупанија и директорката на Градската библиотека во Пула, Андреа Павловиќ. Во своите обраќања тие ја истакнаа важноста на културната соработка, меѓусебното почитување и негувањето на културната разновидност.
Во своето обраќање, директорката Мими Ѓоргоска-Илиевска истакна дека ваквите настани се значаен пример за културна дипломатија, бидејќи придонесуваат за афирмација на македонските културни и историски вредности, зајакнување на пријателството и продлабочување на меѓусебното разбирање меѓу македонскиот и хрватскиот народ, во Хрватска и пошироко. Македонскиот КИЦ во Загреб и понатаму останува посветен на промоцијата на македонскиот јазик, културните и историските вредности, како и на унапредувањето на соработката меѓу Македонија и Хрватска.

На крајот од своето обраќање, директорката им посака на учесниците плодна размена на знаења и нови можности за соработка во духот на заемното почитување и разбирање, упатувајќи им честитки по повод 23 Октомври — Денот на македонската револуционерна борба. Настанот беше реализиран со поддршка на Истарската жупанија, Градот Пула и Советот за национални малцинства при Владата на Република Хрватска.
