Во рамките на Фестивалот на монодрама во Битола денес на сцената ќе бидат изведени три претстави и тоа од Македонија, Романија и Чешка.
Првата од нив е „#НОТИ“, гостување на Театарот „Тони Буландра“, Романија, која ќе биде изведена во големата сала, НУ Центар за култура – Битола во 18:30. Претставата е во режија на Касандра Топологеану, игра Андреја Танасе.
„#НОТИ“ е експериментална претстава со една жена, со перформативни елементи на видео и звучен дизајн, која раскажува за жена во изолација што се обидува да го обнови својот живот со соочување со сопственото минато. Жена која е свој сопствен судија, која самата се обвинува обидувајќи се да открие каде погрешила; жена која го реконструира својот живот како жив дневник, обидувајќи се повторно да ја пронајде сопствената женственост. Жена која никогаш не зборувала, сега повторно го открива својот глас – тек од зборови и чувства, некои со значење, други без непосредна смисла. Претставата е како сложувалка. Фрагменти од приказни и фрагменти од животот се обидуваат да се состават во една целина. Сè изгледа навидум бесмислено, како во секој бекетовски универзум. Главниот лик се обидува да ги поврзе настаните, но гледачот ја има последната задача – да ја реконструира приказната. Претставата користи специјални светлосни и звучни ефекти и не се препорачува за деца, бремени жени, лица кои страдаат од епилепсија, лица со пејсмејкер или со фотосензитивност.
Втората претстава ќе биде изведена со почеток во 20 часот на Новата сцена на Центарот за култура. Се работи за „Кротка“ на Театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“, Кавадарци. Претставата е во режија на Микица Илова, актер е Сашко Орешков. Монодрмата „Кротка“ е претставена како внатрешна исповед на човек што го изгубил своето огледало – љубовта. Просторот е минимален, со цел да се истакне драматичниот интензитет и психолошката состојба на ликот. Светлото, звукот и тишината функционираат како сценски партнери — го следат внатрешниот ритам на изведувачот, создавајќи чувство на клаустрофобија и внатрешна борба. Актерот Сашко Орешков ја носи тежината на текстот со искреност и силна физичка присутност, комбинирајќи емоционална тензија со смирена изразност. Режијата се темели на контрастот меѓу зборот и молкот, меѓу покајанието и неможноста за простување — суштински белези на човековата состојба што Достоевски ги поставува како огледало на човечката душа. Монодрамата „Кротка“ е адаптација на истоимената новела на Достоевски, која преку силен емотивен монолог го прикажува внатрешниот свет на човекот што ја губи жената која ја сакал, и во својата вина, самотија и безнадежност се соочува со сопствените демони.
Последната претстава која ќе биде изведена во рамките на Фестивалот е „Човечки глас“ , Независен авторски проект на Валерија Емелијанова, Чешка Република. Ќе биде изведена на Бар сцената од 21.30. Автор е Жан Кокто, режија Андреј Романов, актерка Валерија Емелијанова. Монолошката претстава е изградена околу темите за женската хистерија и силата на женскиот карактер, манифестирани преку приказна за љубов и болка. Тоа е приказна за храброста да се биде свој – и на сцената и во животот – и за важноста на изразувањето на сопственото „јас“ преку уметноста.
-Дали знаете како е да се пронајде вистинска љубов?
-Дали ќе можете да ја задржите својата радост ако љубовта победи?
-Што знаете за дијалог со судбината на работ на бездната?
-Дали ќе го слушнете тивкиот глас на згаснувачкото чувство? Дали се плашите да ја дознаете вистината за себе?
-Дали знаете што значи да се изгуби вистинска љубов? Дали ќе можете да ја пуштите последната нишка што ве поврзува?
-Што ќе ѝ одговорите на судбината на нејзиното последно прашање?
