Три дена пред официјалниот почеток на 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, 3D Кино Битола и Книжевниот клуб UTOPIA подготвуваат поинакво филмско загревање за градот: проекција под отворено небо во UTOPIA, книга, филм и разговор со публиката. На 16 септември, со почеток во 19 часот, на програмата е „Странецот“, новата филмска интерпретација на славниот роман на Албер Ками, во режија на François Ozon. Со овој настан 3D Кино и UTOPIA започнуваат заеднички формат кој ги спојува литературата и филмот и ја отвора проекцијата кон разговор: што се случува кога една голема книга ќе добие нов живот на платното и колку филмот може, или треба, да остане верен на она што читателот веќе го создал во сопствената имагинација.
Изборот на „Странецот“ за првата ваква вечер не е случаен.
Романот на Ками, објавен во 1942 година, повеќе од осум децении останува едно од клучните дела на литературата на 20 век. Мерсо и денес нè враќа кон прашањата за апсурдот, осаменоста, отуѓувањето, моралот, општествените очекувања и човекот кој одбива да се однесува онака како што светот очекува од него. Осумдесет и четири години подоцна, François Ozon му се враќа на истиот текст од перспективата на современиот европски филм. Токму тука започнува и разговорот што ќе следува по проекцијата. Дали на платното ја гледаме истата приказна што сме ја прочитале? Што останува од Ками кога неговиот свет ќе стане слика? И што гледаме поинаку во Мерсо денес отколку читателите во 1942 година?
Разговорот по филмот ќе го води Јасмина Атанасова, која со публиката ќе ги отвори книжевните и филмските слоеви на делото, но и просторот за различни читања и впечатоци. Организаторите велат дека претходно читање на книгата не е услов за учество. Напротив, идејата е на исто место да се сретнат оние што одамна го познаваат Ками, оние што неодамна го прочитале „Странецот“ и оние чија прва средба со приказната ќе биде токму преку филмот на Ozon. Настанот е замислен и како warm-up за „Браќа Манаки“, фестивалот со кој Битола речиси половина век ја гради својата посебна врска со филмската уметност.
Пред градот на 19 септември да им ги отвори вратите на кинематограферите и филмските гости од светот, на 16 септември филмот излегува под отворено небо.
Со книга во едната и филм во другата рака.
16 септември | 19:00 часот
Книжевен клуб UTOPIA
