Македонскиот долгометражен игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ вчеравечер премиерно беше прикажан пред преполната сала во рамките на 32. издание на Интернационалниот Филмски Фестивал во Сараево. Оваа регионална премиера го означи официјалниот почеток на трката на филмот за престижната награда „Срцето на Сараево“ во главната натпреварувачка програма за долгометражен игран филм.
Филмот „17“ е дел од престижната селекција од само девет долгометражни остварувања во натпреварувачката програма. Селекторката на програмата, Елма Татарагиќ, истакна дека дури шест од нив се режирани од жени, што сведочи за сè посилниот женски авторски глас кој ја обликува иднината на филмот во регионот. Во оваа исклучително силна конкуренција, „17“ влегува во трка за наградите „Срцето на Сараево“ (Srce Sarajeva) за најдобар филм, најдобра режија, како и за наградите за најдобра актерка и актер. Ова претставува уште еден огромен успех за македонската кинематографија на меѓународната сцена, потврдувајќи ја водечката улога на новата генерација македонски авторки кои со храбри и автентични приказни освојуваат клучни светски фестивали.
Премиерата во Сараево е продолжение на успешната фестивалска турнеја на „17“. По светската премиера на Берлинале, каде што „17“ стана првиот македонски дебитантски игран филм во изминатите 26 години селектиран во официјална конкуренција, филмот беше дел од официјалните програми на фестивали во Хонг Конг, Уругвај, Италија, Полска, Словачка, и Шпанија и Израел, каде што неодамна ја освои и престижната GWFF награда за најдобар дебитантски филм на Ерусалимскиот филмски фестивал. На премиерната проекција во Сараево присуствуваше дел од екипата зад и пред камерата, меѓу кои режисерката Косара Митиќ, актерките и актерите Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ана Стојановска и Петар Маниќ, главниот продуцент Томи Салковски, копродуцентите Владо Булајиќ и Лија Погачник и Мирослав Могоровиќ, како и членови на интернационалниот авторски тим.
Честитки до Косара Митиќ и целата екипа на „17“ за уште еден значаен успех на македонскиот филм на меѓународната сцена.




