По повод 30 години музичка кариера, учество на над 35 музички фестивали, голем број песни, пејачот Борче Наумовски ќе одржи концерт на 22.07.2026 на античкиот локалитет Хераклеја. За концертот во рамките на Битолското културно лето, се одржа прес конференција во кристалната сала на Офицерскиот дом во Битола КИЦ на која беше најавена богата музичка програма .
„Подготовките за овој амбициозен проект траат веќе повеќе од половина година. Ова е најголемиот роденден во мојата кариера – 30 години постоење на естрадата. Бидејќи славиме три децении, сè ќе биде во знакот на бројот 30 – ќе имаме 30 тапани на сцена, 30 играорци, па дури и на миксетата ќе отвориме точно 30 канали за музичарите, а очекувам околу 3.000 луѓе во публика, што е сериозна бројка за наши услови“, изјави Наумовски.
Тој својата карирера ја започнува во 1997 година, а досега има издадено четири студиски албуми. Неговата прва касета е во продукција на тогашната Македонска радио-телевизија, а го најави и новиот проект, новиот албум the best of me, 30 години на естрадата собрано се во едно. Пред месец дена го промовираше новиот видео запис „Моја љубов, моја судбина“, како што ќе го наслови и албумот.
На концертот ќе биде придружуван од оркестар на чие чело ќе биде професорот Кирил Стојчевски. Во случај на временски неприлики, концертот ќе се одржи во спортската сала “Боро Чурлевски“ во Битола.
Фотографии: Сашо Ставрев.
