На 17. Јуни 2026, со почеток од 19:30 часот, во КИЦ Офицерски дом – Битола, младата пијанистка Аница Нелоска ќе одржи концерт кој претставува внимателно обликувана музичка вечер исполнета со избрани дела од Ј. С. Бах, Р. Шуман и македонскиот композитор Д. Бужаровски. Програмата ги обединува трите големи стилски епохи, нудејќи ѝ на публиката богато и разновидно звучно доживување – од барокната јасност, преку романтичната експресија, до современиот музички јазик. Како специјален гостин ќе настапи и пијанистката Мартина Пачоова, студентка во класата на проф. д-р Марија Ѓошевска.
Аница Нелоска, родена во Битола, е млада македонска пијанистка која уште од шестгодишна возраст го започнува своето музичко патување со инструментот пијано. Основното и средното музичко образование ги завршува во Државното музичко училиште во Битола, во класата на проф. м-р Верица Дивитарова, каде матурира во 2024 година. Во текот на своето образование активно учествува на бројни државни и меѓународни натпревари, освојувајќи високи награди и признанија. Како солист и камерен музичар настапува на повеќе значајни концертни манифестации, меѓу кои „Шопенова вечер“, „Слободна среда“, „Музика Вива“, како и на годишни и јубилејни концерти. Одржува и свои целовечерни солистички рецитали во повеќе градови низ Македонија, а својата уметничка надградба ја збогатува преку учество на мастер-класови кај истакнати пијанисти и педагози, меѓу кои Симон Трпчески, Марија Ѓошевска, Тодор Светиев, Олга Здоренко, Катарина Крпан и Цветанка Созовска.
Во 2026 година го остварува своето деби со оркестар, настапувајќи со Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски, со концерти во Скопје и Ниш, по повод 60-годишниот јубилеј на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Моментално е студент на вторa година од прв циклус студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Факултетот за музичка уметност, во класата на проф. д-р Марија Ѓошевска. Концертот во Битола е поддржан од Министерството за култура и туризам, а влезот е слободен за сите посетители.
Програма:
Ј.С. Бах – “Капричо по повод заминувањето на саканиот брат” BWV 992
Р. Шуман – “Тема и варијации Es – dur” WoO 24
Р. Шуман – “Шумски сцени” оп.82
Д. Бужаровски – “Не си го продавај Кољо” оп.52
