Home » Започна јубилејното петто издание Интернационалниот етнографски филмски фестивал во Битола

Започна јубилејното петто издание Интернационалниот етнографски филмски фестивал во Битола

by culturalchat

Во кино „Манаки“ на КИЦ Битола почна јубилејното петто издание Интернационалниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“ кое годинава на филмофилите ќе им понуди 42 документарни филмови.
„Создадовме програма која е богата и продуктивна во своето истражување на темите што ги обработуваме. Со голема чувствителност овие филмови на некој начин го креваат превезот врз еколошките, социјалните, културните и човечките превирања, што ги зафаќаат современите општества низ целиот свет. Ова е нивната вистинска сила бидејќи документарецот е непроценлив по тоа што е хибридно дело, точка на контакт меѓу уметноста и истражувањето, меѓу креативниот израз и научното истражување. Несомнено, желбата за пренесување на знаења и вредности се амбиции кои се совпаѓаат со оние на „Илинденски денови“, истакна Тони Гламчевски, селектор на фестивалот.На свечениот почеток на фестивалот, директорот на НУ Центар култура-Битола, Сашо Илковски нагласи дека Етнографскиот филмски фестивал е значаен дел од „Илинденски денови“ затоа што ја надополнува мисијата на фестивалот да го истражува, да го документира и афирмира нематеријалното културно наследство и преку филмската уметност да создава нови точки на поврзување меѓу различните култури и луѓето.Во наредните денови Битола ќе биде место каде што документарниот филм ќе раскажува за луѓето, нивните обичаи, идентитети и светови. Приказни од различни континенти, но со исти прашања за тоа кои сме и што оставаме зад себе. Фестивалот беше отворен со краткиот филм „Муралите на Д10С“ на Лучијано Начи (Аргентина/Италија) и долгометражниот „Никаде во светот“ на Ванина Лапа (Италија). Интернационалниот етнографски филмски фестивал и годинава ја потврдува својата улога како една од најзначајните фестивалски точки на „Илинденски денови“ – место каде што филмот не само што ја документира традицијата, туку отвора разговор за светот во кој живееме денес. Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, Министерството за култура и туризам, Општина Битола, КИЦ, а се одржува во рамките на БитФест.

Фотографии: Диоген Хаџи Коста Милевски

 

Related Articles