Од 14 до 17 август 2026 година, под платото на Народниот театар – Битола, во рамките на БИТ ФЕСТ 2026. ќе се одржи второто издание на Саемот на книгата „Светот во страници“, во организација на Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. Свеченото отворање е на 14 август (петок) во 19:00 часот. Саемот на книги „Светот во страници“, оваа година се проширува и добива уште поголем опфат, со учество на Македонската асоцијација на издавачи и сите издавачки куќи од целата држава.
„Нашата цел е овој саем да прерасне во препознатлива национална културна манифестација која ќе ја поттикне љубовта кон книгата, ќе ја збогати читачката култура и ќе придонесе кон унапредување на образовното ниво на нашето општество, почнувајќи од најмладите, бидејќи токму тие се нашата иднина! Посетителите ќе имаат можност да изберат илјадници наслови од сите жанрови: поезија, романи, есеистика, стручна и научна литература, книги за деца, дела од нобеловци, книжевни класици и современи автори, претставени од најзначајните македонски издавачи, а понудени по најповолни саемски цени“, истакнуваат од Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола.
