Home » Вечер на Шекскпир во Битола: Повеќе од две децениии традиција на жива литература

Вечер на Шекскпир во Битола: Повеќе од две децениии традиција на жива литература

by culturalchat

Во Битола вечерва ќе се одржи традиционалната „Вечер на Шекспир“, настан кој повеќе од две децении ја негува и афирмира класичната литература и нејзината современа интерпретација.
Настанот се одржува во месец април, кога на светско ниво се одбележува Денот на Шекспир, поврзан со датумот на неговото раѓање, што му дава дополнителен контекст и симболика на ова издание. Организатор е Македонско-британското друштво „Во чест на великанот Шекспир“, а зад континуитетот на оваа културна иницијатива стои професорката Лилјана Спировска, која од 1998 година ја развива и одржува оваа традиција во Битола.
Годинава, Шекспировата вечер ќе се одржи во UTOPIA Book Club, на 29 април (среда), со почеток во 19:00 часот. Влезот е слободен. Програмата вклучува изведби на сонети и монолози од Вилијам Шекспир, интерпретирани од ученици од Гимназијата „Јосип Броз Тито“, кои ќе настапат на оригиналниот англиски јазик, доближувајќи ги текстовите до публиката на непосреден и жив начин. Како што истакнува Спировска, оваа вечер не е само културен настан, туку процес што трае со години:
„Во Битола, Шекспир не доаѓа еднаш годишно. Некој го носи со себе цел живот. Постојат луѓе што не прават само настани, туку создаваат навика. Од 1998 наваму, се обидуваме да го вратиме Шекспир таму каде што најмногу припаѓа, меѓу луѓето, како жив текст. Учениците не го учат како лектира, туку го живеат низ јазикот, емоцијата и сцената.“
Таа додава дека прашањето „зошто Шекспир“ се повторува секоја година, но одговорот останува релевантен: „Можеби затоа што, како што вели Jorge Luis Borges, никој не успеал да создаде толку многу луѓе во еден свет. Освен Бог. Или поедноставно, затоа што сѐ уште сме тие карактери.“
Со нова сцена, но со иста идеја, Шекспировата вечер продолжува да ја гради врската помеѓу класичната литература и современата публика, потсетувајќи дека големите текстови не припаѓаат на минатото, туку на секое време во кое повторно се читаат и изведуваат.

Related Articles