Книгата „Јас Пратеник “на музичкиот менаџер Владимир Мандичевски Манде ја доживеа својата промоција.
„Книгата е, очигледно, една голема сатира. Напишано со едноставен речник и вокабулар, полн со едноставни, „селски“ набљудувања, мудрости од едноставниот живот, кој и покрај дигитализацијата и сето она што таа го носи со себе, има место и во наше време. И оваа симбиоза е голема вештина и способност. Тоа е една од големите пораки на оваа книга, скриена меѓу редови“, вели Милан Јазбец кој беше промотор на книгата, во предговорот.
Дипломатот Јазбец, беше поранешен словенечки амбасадор во Македонија и пријател на Мандичевски.
„Главната цел на секоја книга е да се чита и да се научи нешто од неа. Да се прошират хоризонтите на читателот. А оваа книга е јасно дека ја постигнала целта. Всушност, дури и ја надминува. А тоа е најдоброто на патот до публиката. Нека се чита што е можно повеќе. Ако не за друго, господин Ристе Трпеноски го заслужува тоа“, подвлекува Јазбец.
Мандичевски, кој со години беше сопственик на култната скопска музичка продавница „Баги шоп“ и е добар познавач на разни музички правци, овојпат се занимава со политика на сатиричен начин, преку Ристе Трпеновски, главниот лик во книгата. На детален начин, актерот Рубенс Муартовски го опиша Ристе, читајќи делови од книгата на кои многумина од гостите на промоцијата се насмеаја. Живеејќи мирен живот во селото Зимзирово, каде што има две продавници и една земјоделска аптека, неговиот живот се врти во сосема друга насока откако ќе стане пратеник.
Мандичевски најави дека преговара за театарска претстава направена според книгата, а можно е „Јас пратеник“ да се преведе и на други јазици. Издавач на книгата е „Баги комуникации“, а уредник Маја Бабиќ. На промоцијата свиреа пијанистот Бобан Мирковски и Гоце Димовски на кавал, кои Мандичевски ги нарече музичари со светски талент.
Искористени информации smart.sdk.mk