Во Офицерски дом – КИЦ Битола, пред битолските новинари беше претставена целосната програма на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ 2026“. Оваа значајна културна манифестација, која годинава се одржува по 18-ти пат, започнува со утрешната изведба на мјузиклот „Како какао“, а ќе заврши на 30 август во Хераклеја Линкестис, со јубилеен концерт на битолската култна група Фолтин.

Во оваа прилика, пред присутните новинари се обрати директорот на ЈОУ КИЦ Битола, Димитар Михајловски, кој го образложи концептот и динамиката на овогодинешниот Бит фест, најавувајќи богата и разновидна програма на повеќе сценски локации: салите и платото на Офицерски дом – КИЦ Битола, Кино Манаки, Центарот за култура, НУ Завод и Музеј, КЦ Магаза, Хераклеја Линкестис, Старата битолска чаршија, Широк Сокак, како и други алтернативни простори. Михајловски ја истакна посветеноста кон промоција на битолските уметници, поттикнувањето на културниот туризам, како и идното профилирање на БИТ ФЕСТ како фестивал каде што квалитетот и креативноста ќе бидат главни критериуми при обликувањето на програмата.
Битолчани, како и бројните посетители и туристи, ова лето ќе можат да избираат помеѓу седумдесетина музичко-сценски, театарски, ликовни, поетски, филмски, фолклорни и мултимедијални проекти, распоредени во повеќе од сто поединечни културни настани. Покрај самостојните културни содржини, во програмата на БИТ ФЕСТ 2026 со свои програми се вклучени и препознатливите битолски фестивали: Солстис, Битола Отворен Град, Локум фест, S.O.S, Смотра 615, Битолино и други. Најголемиот дел од програмата традиционално ќе биде достапен без влезници, додека дел од субвенционираните настани од поголем формат ќе имаат пристапни цени на билетите. Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“ се реализира со поддршка на Општина Битола, а за прв пат од годинава оваа манифестација станува дел од институционалната програма и активности на ЈОУ КИЦ Битола, што подразбира зголемени капацитети за креирање и имплеметација на програмите. Битола повторно ќе живее во ритамот на уметноста, културата и летната фестивалска магија.
