Актерката м-р Јулијана Мирчевска, воедно претседателка на Македонскиот национален центар на детски театри АСИТЕЖ Македонија, а која раководи и со театарската школа „Бабец“ од Битола, која оваа година одбележува 12 години постоење, работеше на перформансот „Зборови“, изведен пред преполна сала во Осло, Норвешка, во театарската сала Folkets Hus Strømmen. Настанот беше посветен и на одбележувањето на Денот на македонскиот јазик. Овој важен проект, во кој учествуваа ученици, родители и наставници од Македонската заедница во Норвешка, беше организиран од Македонското училиште за изучување на македонскиот јазик, религија, култура и традиции во Осло, кои организираат голем број културни настани од хуманитарен карактер.
„Поканата дојде од проф.Маја Стаменковиќ и д-р.Тодор Новаков кои живеат и работат во Осло. Покрај нивната примарна работа, се сопственици на музичко училиште “NOVA” и воедно работат како наставници во училиштето за Македонски јазик, религија, култура и традиција во Осло. Редовно организираат голем број културни настани од хуманитарен карактер со мото “Од децата – За децата” и сите собрани средства ги донираат исклучиво за потребите на деца од ранливи категории во Македонија. Првата хуманитарна донација била наменета за Домот за доенчиња во Битола, втората за Центарот за деца и младинци со попреченост во развојот во Ресен, а од овој театарски перформанс собраните финансиски средства ќе се донираат во Струмица. Со цел негување на македонскиот јазик и култура, училиштето за Македонски јазик, религија, култура и традиција од Осло одлучи оваа наставна година да ја заокружи со театарски перформанс во кого активно учество ќе земат ученици, родители и наставници – и така се роди идејата за нашата соработка. Оваа прилика ја користам да им се заблагодарам на Маја и Тодор за поканата, на семејството Калајџиевски и Станојоски за топлиот прием, за приемот на нашиот амбасадор во Кралството Норвешка д-р. Дритон Куќи и на сите учесници во проектот“, ни изјави м-р Јулијана Мирчевска.
Соработката поминала беспрекорно, воедно настанот бил голем предизвик и за Мирчевска и за сите учесници.
„Не се познававме, но и јас и тие сакавме да направиме еден убав краен производ кој ќе го прикажеме на сцена. Ова беше нивни прв театарски процес и се впуштија безрезервно, и прв мој театарски процес во кој се вклучија и родителите на децата, и нивните професори. Па така ова стана инклузивна или попрецизно меѓугенерациска претстава. Во текот на процесот се запознававме подобро, се отвараа, почнаа да нудат сценски решенија, а јас гледав максимално да извлечам од сите нив,па процесот беше исполнет со многу работа но и дружба и уживање“.
Насловот на перформансот ,,Зборови“ , Мирчевска го одбрала затоа што и целта на нејзината работа таму, била учесниците да се изразат на сцена на својот македонски јазик.
„Да зборуваат и да научат нови македонски зборови бидејќи ова се генерации на деца кои се родени и учат во Норвешка, па некои од нив го владеат македонскиот јазик подобро, а некои не. Користев генерално македонска поезија и кратки сцени соодветни за возраста на децата. Го објаснувавме значењето на непознатите зборови, точниот изговор и секако ги поставувавме текстовите на сцена. Родителите се вклучија доброволно со голема желба да поминат квалитетно, креативно време со своите деца, а и да помогнат децата да бидат поопуштени и послободни на сцена. И така збор по збор создадовме перформанс во кој уживаа и учесниците и публиката. И како што откривав таленти од самите деца откривав таленти и од родителите. Навистина прекрасно искуство“.
Пренесувањето на нејзиното македонско искуство надвор од границите на Македонија и значи многу.
„Пред се јас бев почестена од укажаната доверба и можностда работам со децата во Осло и да го споделам моето искуство од досегашната работа со деца. Сметам дека е голем успех тоа што секое дете научи по некој нов збор на мајчиниот јазик. Како ново искуство овој процес мене ми значи многу а се надевам и на сите учесници. Сите имаа можност да ја почувствуваат магијата на сцената па можеби ова ќе го повториме, најмалку ги очекувам на ,,Битолино“ годинава да го проследат фестивалот, а ако се во доволен број овде, може и да го изведеме перформансот овде за нашата публика“.
Меѓународните соработки се од огромно значење за сите учесниви во истите да научат нешто ново. „Иако станува збор за Македонци, тие со години живеат таму, интегрирани се во тоа општество, одлично функционираат и носат дел од таа култура на живеење. За нив преку овие соработки е добро што ја одржуваат нитката со Македонија, а за нас е добро да видиме како функционираат работите надвор од дома. А во Норвешка функционираат“, рече Мирчевска.
Таа заедно со Васко Мавровски директорот на НУ. Народен театар Битола, беа и на прием кај македонскиот амбасадор д-р Дритон Куќи во Осло, Кралството Норвешка. Воедно директорот на Битолскиот театар, му ја подари Монографијата на македонскиот амбасадор, посветена на 80 години постоење НТБ. Македонскиот амбасадор во Кралството Норвешка упати пофални зборови за овој настан, кој преку уметност и театар ја промовира македонската култура и македонскиот јазик. Оваа средба уште повеќе ја зацврстува соработката на културно поле помеѓу Македонија и Норвешка, давајќи и видливост на македонската театарска култура надвор од границите на Македонија.



