Home » Културна вечер во Македонскиот КИЦ во Софија посветена на браќата Манаки

Културна вечер во Македонскиот КИЦ во Софија посветена на браќата Манаки

by culturalchat

Синоќа во Македонскиот КИЦ во Софија беше одржана културната вечер посветена на творештвото на браќата Манаки – пионерите на балканската фотографија и кинематографија, чие дело и денес претставува непроценливо сведоштво за историјата, културата и духот на едно време. Во рамките на настанот беше презентирана изложбата „La Belle Epoque – Истокот и Западот, битолската мода низ објективот на Манаки“,  настан во соработка на НУ Центар за култура Битола, Државниот архив на Р. Македонија, одделение Битола и Македонскиот КИЦ во Софија. Избор на фотографии и реализација на изложбата: м-р Гоце Стојановски и Димитар Ѓорѓиевски.„Оваа вечер не претставува само отворање на изложба и филмска проекција, туку средба со едно извонредно културно наследство кое ги надминува времето и просторот, бидејќи делото на браќата Манаки не е само уметност, туку тоа е визуелна хроника на животот, документ за едно општество во развој и трајна меморија за културните и општествените промени на Балканот.  Преку изложбата посетителите имаа можност да ја доживеат Битола од почетокот на XX век – град кој бил вистинска раскрсница на цивилизации, каде што се среќавале Истокот и Западот, традицијата и модерното, создавајќи препознатлив културен и урбан идентитет“, истакна директорот на МКИЦ во Софија и дипломатскиот советник, проф. д-р Зоран Пејковски.Вечерта продолжи со проекција на оригинални филмски записи од браќата Манаки, кои и денес претставуваат едни од најзначајните документи за историјата и културата на нашите простори. Пејковски ја нагласи улогата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија како институција која континуирано работи на промоција на македонската култура надвор од границите на државата. Преку вакви културни настани се создава простор за дијалог, меѓусебно разбирање и заемна почит, а македонското културно наследство добива заслужено место во европскиот културен простор.Пред присутните се обратија директорот на НУ Центар за култура – Битола, Сашо Илковски, кураторот на изложбата Валентин Соклевски, кој го претстави концептот и значењето на изложбата, како и режисерот Благојче Божиновски од Културно-информативниот центар – Битола, кој зборуваше за филмското наследство на браќата Манаки и неговата историска вредност. Ваквите настани имаат особено значење за афирмацијата на македонската култура, нејзиното претставување пред меѓународната јавност, а делото на браќата Манаки продолжува да нè потсетува дека културното наследство е жива вредност која ги поврзува минатото, сегашноста и иднината.

Related Articles