Home » Францускиот поет Жан Пјер Симеон добитник на „Златен венец“ за 2024 година

Францускиот поет Жан Пјер Симеон добитник на „Златен венец“ за 2024 година

by culturalchat

Добитник на „Златен венец“ за 2024 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е истакнатиот француски поет, Жан Пјер Симеон. Одлуката беше соопштена на свечениот настан во Македонската академија на науките и уметностите, на кој покрај прогласувањето на лауреатите на СВП, беше одбележан 21 март-Светскиот ден на поезијата со поетско читање во кое учествуваа истакнати поети- членови на Македонскиот П.Е.Н Центар, како и други истакнати македонски поети од различни генерации.Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 22 до 26 август годинава. Жан Пјер Симеон е ценет поет, со широк распон на својот творечки потенцијал, реализиран во неколку жанровски подрачја. Тој e сестран автор, комплексна творечка фигура и поливалентна личност: интелектуалец, ерудит, поет, уредник, есеист, прозаист, драмски автор, хуманист. Поезијата на Симеон, зад себе го има благородниот контекст и драгоцената закрила, на една богата поетска традиција, каква што е француската, којашто ја краси возвишениот парнасовски идеал на песната – како суверено кралство, во кое живее и опстојува власта на Љубовта и Убавината. Поетот, драматург и есеист, Жан-Пјер Симеон е роден 1950 година во Париз. Како професор по модерна книжевност, тој објавил повеќе збирки поезија, романи, книги за деца и театарски пиеси. Тој е иницијатор на Неделата на поезијата во Клермон-Феран во 1986 година. Од 2001 до 2017 година бил уметнички директор на Пролетта на поетите. Од 2001 до 2019 година бил придружен поет на Националниот народен театар во Вилербан. Тој е претседател на жирито за доделување на наградата Аполинер. Во моментов е директор на колекцијата Поезија во Галимар. Жан-Пјер Симеон предавал на Институтот за универзитетско образование на учители во Оверњ, на Високата национална школа за уметности и техники на театарот, како и на Париската школа за политички науки. За свето поетско творештво, Жан-Пјер Симеон е добитник на многу награди меѓу кои: наградата Морис Сев во 1981 година, наградата Антонен Арто во 1984 година, наградата Аполинер во 1994 година, наградата Макс Жакоб во 2006 година, меѓународната награда Лучијан Блага во Романија, Големата награда на Мон Сен Мишел за целокупното свое творештво, Меѓународната награда за современа поезија ( International Contemporary poetry award) во Кина во 2021 година, Големата награда за поезија на Француската академија во 2022 година. Одликуван е со орденот Командант од редот на уметности и литература. Поезијата на Жан Пјер Симеон е првично соопштена на македонски јазик, благодарение на поеткиот избор „Човекот во срцето на светот“, објавен во едицијата „Плејади“ на Струшките вечери на поезијата, во 2010 година во препев на Јордан Плевнеш.Добитничка на наградата „Мостови на Струга“ за 2024 година која што СВП во соработка со УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска збирка е германската поетеса Катрин Пиц за нејзината стихозбирка „Вакви денови имало отсекогаш“. Директорот на СВП, Тодорче Тасевски ја објави соработката на Струшките вечери на поезијата со Делегацијата на ЕУ којашто од оваа година ќе биде покровител на наградите „Енхалон“ и „Млада Струга“ преку Јуроп Хаус-Струга (Europe House-Struga), најновата членка на мрежата на Јуроп Хаус (Europe House).Возобновената награда „Млада Струга“ ќе се доделува за необјавен поетски ракопис на млад поет или поетеса што дотогаш немаат објавено поетска збирка. Добитникот ќе биде избран по распишан конкурс, а освен паричен износ, наградата вклучува и објавување на поетската збирка како дел од изданијата на СВП и учество на Фестивалот, по урнек на поранешниот конкурс на Книжевната младина на Македонија. Наградата „Енхалон“ се доделува за најдобра прочитана песна во рамки на „Ноќите без интерпункција“, дел од програмата на Фестивалот кадешто учествуваат претежно помлади поети.По завршувањето на прогласувањето на лауреатите следуваше традиционалното поетско читање на членови на Македонскиот ПЕН центар, како и други истакнати македонски поети во чест на 21 март- Светскиот ден на поезијата. Поетскотото послание за 2024 година го прочита истакнатата македонска писателка Оливера Ќорвезироска.

 

Related Articles