Home » Со изложбата „Фестивалска диоптрија“ одбележан 43.роденден на Центарот за култура Битола

Со изложбата „Фестивалска диоптрија“ одбележан 43.роденден на Центарот за култура Битола

by culturalchat

„ Со радост го одбележуваме 43-тиот роденден на Центарот за култура Битола, нашиот светилник на културата, креативноста, но и на заедницата“, стои во соопштението на Центарот за култура, а по повод 43. роденден на оваа институција.

Имено повеќе од четири децении, овој храм на културата е витален центар, каде одекнува живописното чукање на срцето на творците кои ја избрале уметноста како форма на изразување. Тоа е повеќе од место, тоа е локација на спомени и безброј соништа на многу генерации. За да ја обележат оваа 43 година, беше организирана изложба на фотографии со наслов •Фестивалска диоптрија• на фотографот Диоген Хаџи Коста Милевски кој е официјален фотограф на Центарот за култура.

Преку неговиот објектив и реално тешкиот избор да се селектираат само 25 фотографии од илјадници направени на настаните во оваа институција, се долови енергијата и таа чиста магија која се создаваше во живо на фестивалските сцени низ годините. Секоја фотографија раскажува приказна, како сведоштво за моќта на културата да ги обединува, инспирира и надминува границите. Тоа е и почит за безброј уметници, музичари, филмаџии и изведувачи кои биле гости и оставија неизбришлива трага низ времето. Но, Центарот за култура во Битола е повеќе од обична галерија или сцена, тој е светилиште за љубителите на културата, место за негување на таленти кои се појавуваат и место каде што се создаваат доживотни пријателства низ тој процес на креативноста. Овде оживува културата, ова е место каде се чуваат традициите и каде се слават новите уметности.

„И додека размислуваме за 43-годишниот културен сјај, ја упатуваме нашата најдлабока благодарност до нашите уметници, нашите покровители и до публиката. Ви благодариме што сте дел од нашето патување“, стои на крај во соопштението.

Директорката на Центарот за култура Маја Андоновска Илијевски по повод роденденот на својот профил напиша:

„По професија сум актер , со моментална функција директор на НУ Центар за култура Битола, најголемиот предизвик пред кој застанав со комплетна посветеност. Изминативе 5 години беа како да се возам на ролеркостер. Влетав во приказната со 200 км на час, за да се случи Корона која не натера повторно да се учиме да одиме, за сега после се , да се движиме со брзина на светлината. Ова е секако симболично кажано, бидејќи ништо не започна со мене и нема да заврши со моето заминување од функција, но јас точно го знаев квалитетот,големината и тежината на институцијата која ја водам, и важно ми беше за тоа да се чуе и подалеку од Битола. Кога ќе ја завртам главата назад, знам дека интензивно работев со мојот тим на поголема медиумска видливост, тежина и важност на настаните, како и техничко осовременување и секако секој напор е едно природно продолжување на една приказна која визионерски започнала пред 43 години. Центар за култура Битола е најголем центар во државата и по капацитет на публика и по број на настани на годишно ниво. А за да тоа така и остане, мора многу внимателно да се избира годишната програма за работа, која освен вештина и стручност, бара и познавање на публиката и нејзиниот пулс, потреба , барања, но и екипа на која еден менаџер цврсто ќе се потпира. Центар за култура Битола има екипа со која јас сум благословена да работам. Екипа која не вели неможеме и несакаме, а тоа е видливо на секој еден фестивал, концерт, изложба, настан. Многу често знаеме да кажеме дека Битола е градот на културата и тоа е не случајно така. Ова е град -расадник на уметници , музичари, актери, визионери… а центарот за култура во Битола е нивниот дом. Затоа на сите некогашни и сегашни вработени и соработници на НУ Центар за култура Битола, на сите уметници кои застанале на нашите сцени , на секој кој барем еднаш купил билет и седнал во публика, на сите спонзори, помагатели и пријатели на културата, нека ни е честита 43 годишнината и да се множат успешни години, настани, полни сали и радости “.

Culturat chat го честита роденденот на Центарот за култура.Благодариме за соработката.

 

Related Articles