Во периодот јуни- ноември 2023 година, Сумнал го реализира проектот: „Намалување на дигиталната сиромаштија“, финансиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Дигиталната сиромаштија е неможност на поединци целосно да комуницираат со онлајн светот. Податоците покажуваат дека младите луѓе се свесни за важноста на ИКТ во нивниот живот. Исто така, се свесни за ИКТ како можност за вработување. Но, определени таргет групи не се во можност да си дозволат образование за информатички технологии, поради финансиските тешкотии. Намалувањето на дигиталната сиромаштија ја наметнува потребата од активности кои ќе им овозможат на младите луѓе, вклучително и на загрозените, да имаат пристап до информатички и комуникациски технологии и истите да ги користат.
Дигиталниот јаз е јазот кој постои помеѓу лицата кои имаат и лицата кои немаат пристап, вештини и свест за ефективно делување на интернет. Македонија се фокусира кон дигитална еднаквост, што значи дека сите лица и заедници (без исклучок) да имаат капацитет и ресурси кои се потребни да бидат целосно вклучени во општеството, демократијата и економијата, кои пак се дигитално ориентирани.
Проектот за солидарност е во директна корелација со целите и принципите на Европскиот солидарен корпус, бидејќи овозможува единство при справувањето со предизвикот на дигиталната сиромаштија. Младите се подготвени да помогнат во учењето на дигитални вештини на оние млади луѓе кои не може да си дозволат да се вклучат во формално образование за ИКТ. Проектот вклучува две групи на млади луѓе и тоа: млади луѓе од 18 до 29 години, кои имаат формално образование од областа на информатичките науки и млади луѓе од ранливи категории кои немаат можност да се стекнат со образование од информатичките науки.
Ваквата поставеност на целната група овозможува да се пренесе знаењето, како и да се размени знаењето меѓу младите а од друга страна, ќе им овозможи поголема конкурентност на пазарот на труд. Младите преземаат иницијатива на пренесување на знаење и развој на дигитални вештини кај млади од ранливи категории на граѓани, што овозможува поддршка на локалната заедница во борбата со невработеноста преку неформално образование за ИКТ но, и дигитална инклузија на младите од ранливи категории. Ваквиот проект ќе овозможи отворање на бројни можности кај младите од ранливи категории да се стекнат со нови и иновативни знаења кои ќе им овозможат да се интегрираат во современите текови на живеење.
Солидарниот проект претставува значајна основа за неформално учење на младите луѓе. Овој проект негува чувство за преземање иницијатива за решавање на проблемите, активно европско граѓанство како и поттикнување на претприемачкиот дух. Преку реализацијата на овој проект младите луѓе ќе научат нови вештини и примена на нови технологии, развивајќи ги сопствените капацитети, изразувајќи ја својата креативност и одговорност за делување.