Доследен на својата трајна определба за афирмација, промоција и зачувување на македонското културно и духовно наследство, Македонскиот КИЦ во Софија започнува нов програмски циклус на настани посветени на чествувањето на значајни јубилеи и годишнини на истакнати личности и капитални дела кои оставиле неизбришлива трага во развојот на македонската книжевност, култура и национална духовност. Преку оваа иницијатива, Македонскиот КИЦ во Софија ја потврдува својата улога како значајна институција во меѓународната афирмација на македонските културни вредности и во негувањето на историското и духовното паметење. Првиот настан од циклусот е посветен на одбележувањето на дваесетгодишнината од упокојувањето на еден од најзначајните македонски книжевни великани – Петре М. Андреевски, творец чие книжевно наследство претставува врвен дострел на современата македонска литература. Неговото дело, длабоко втемелено во историското искуство, културната меморија и егзистенцијалните прашања на човекот, останува трајно сведоштво за духовната сила и идентитетската самобитност на македонскиот народ. По тој повод, на 7 јули 2026 година, во Македонскиот КИЦ во Софија, претседателката на Друштвото на писателите на Македонија, Гордана Јовиќ-Стојковска, ќе зборува за: „Столб на вселената или поттикнувач на сите движења – Жената во делото на Петре М. Андреевски“. Настанот ќе понуди продлабочено книжевно-естетско и културолошко толкување на творечкиот опус на Петре М. Андреевски, поаѓајќи од неговите антологиски дела „Пиреј“, „Тунел“ и „Дениција“. Преку внимателна интерпретација на овие книжевни остварувања ќе биде осветлена авторовата извонредна уметничка визија и филозофска мисла, согледани низ комплексната симболика и повеќеслојноста на женскиот лик. Истовремено, настанот ќе отвори можност за ново научно и критичко преиспитување на неговото творештво, како и за поширока расправа за неговото трајно влијание врз развојот на македонската книжевност, културна мисла и национален идентитет. Особено внимание ќе биде посветено на различните семантички и симболички димензии на жената во книжевниот свет на Андреевски. Во романот „Пиреј“ таа се јавува како архетип на мајката, страдалничката и чуварката на животот и националното опстојување; во „Тунел“ прераснува во личност што преку самоспознавање и духовно созревање ја достигнува сопствената еманципација; додека во „Дениција“ се воздигнува до возвишен симбол на љубовта, духовната полнота и космичката хармонија. Преку овие книжевни претстави ќе биде нагласен длабокиот авторов однос кон женскиот принцип како суштинска животворна сила, двигател на духовната преобразба и носител на човечката и културната вечност. Со овој настан, Македонскиот КИЦ во Софија го отвора новиот циклус чествувања посветени на најистакнатите дејци на македонската култура, изразувајќи длабока почит кон нивното бесмртно творештво и нивниот непроценлив придонес во создавањето на македонската духовна и културна самобитност. Воедно, Македонскиот КИЦ во Софија уште еднаш ја потврдува својата мисија да биде мост на културниот дијалог, простор за научна и уметничка размена и достоен чувар и промотор на највисоките дострели на македонската книжевна и културна традиција пред меѓународната јавност.
