Најновата композиција на кларинетистот Благојче Трајковски е со наслов „Извор“. Тој важи за најдобриот кларинетист последните години и го носи епитетот вториот наследник на Тале Огненовски, еден од ретките кларинетисти кои успешно настапиле и со чалгија и со помодерен стил и еден од највлијателните музичари.Го нарекуваат гениј на кларинетот, познат и е на публиката не само во државата туку и пошироко по музичките проекти главно во „етно-сферата“. Неговото најново музичко дело е создадено со многу љубов заедно со една прекрасна екипа на професионалци.
„ Ја користам приликата да се заблагодарам на моите драги пријатели, големите професионалци и виртуози: Александар Софронијевиќ и Неда Николиќ, за тоа што во ова парче музика оставија дел од својата душа. Огромно благодарам за најдобриот Димитар Христов кој со својата уникатност во аранжирањето на оваа музика и‘ даде посебна душа. XLstudio Момироски заслужува голема благодарност за огромната посветеност, ангажираност и способноста да се создаде прекрасен звук “, напиша Трајковски на социјалните мрежи.
За изработката на видеото беше задолжен Ханис Багашов. Во изведбата на композицијата учествуваат и Иван Кукиќ, Ратко Даутовски и Петар Миланов. Коста Дупчинов со својата дизајнерска инвентивност дава огромен придонес во пакувањето на целиот производ.
Инструменталистите дел од гудачкиот оркестар се: Ѓоргина Поповска, Димитар Михајловски, Илија Филиповски, Игор Милевски, Мартин Кушевски, Бојан Талески, Александар Лаовски и Верица Ајтовска. Позади ова издание стои продукцијата AS STUDIOTON.
„Мене ми е посебно драго што се случува ова уникатно музичко дружење и разменување на многу енергии, емоции, како и професионални гледишта. Факт е дека уметноста на Балканот отсекогаш ја има најголемата моќ на обединување на луѓето и е во мртва трка со политиката, која пак го прави спротивното. Иако е излитена од споменување, јас пак ќе ја споменам фразата дека музиката навистина не познава граници и е навистина најсилното оружје за сплотување. Живееме навистина во едно многу турбулентно време, каде што цело време струјат разно-разни енергии за разединување на Балканот, но само уметноста е „глува“ и „слепа“ на сето тоа и со своето дејствување прави нешто магично. И кога е во прашање музиката, мостовите на Балканот никогаш не биле „разнишани“, истакнува Трајковски.
Оваа година во Центарот за култура Битола ќе биде одржана манифестација по повод 20 години професионална дејност на Благојче Трајковски.
Композицијата може да ја слушнете на следниот линк: