По две години ограничувања поради пандемијата, оваа година се одржува 73. издание на Берлинскиот филмски фестивал, и ќе трае до 26 февруари. На програмата на Берлинале се повеќе од 300 филмови, а првата проекција беше комедијата „She Came to Me“ во која главните улоги ги толкуваат Ен Хатавеј, Мариса Томеи и Питер Динклиџ, со политички фокус на Иран и Украина.
Берлинале, кое од трите големи европски филмски фестивали го има најсилниот политички фокус, ќе ја одбележи првата годишнина од војната во Украина и протестите против режимот во Иран со нови играни и документарни филмови. Македонската кинематографија на годинешниот филмски фестивал „Берлинале“ беше претставена од 2 филмови.
Филмот „М“ во режија на македонскиот режисер Вардан Тозија и „Бизнисот на Задоволството“, на Гоце Цветановски кој беше прикажан на Европскиот Филмски маркет.
Филмот на Тозија е фантастична бајка која ја раскажува приказната за осумгодишниот Марко, кој во дистопискиот и опасен свет на нашата блиска иднина е во потрага по својата мајка. Сценариото е потпишано од Вардан Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески Кикич, костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, а маскер е Горан Игњатовски.
Улогите ги толкуваат Матеј Сиваков, Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновска и Бојана Грегориќ Вејзовиќ.
Продуцент на „М“ е Фокус покус филмс од Скопје, а филмот е официјална копродукција помеѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција. Овој филм е добитник на главната награда на Works in Progress (Филмови во изработка) во рамките на Интернационалниот филмски фестивал во Пула, Хрватска.
Музиката во „Бизнисот на задоволството“ е на Димитар Андоновски. Се работи за трилер во кој новинар истражува случај поврзан со трговија со луѓе, каде посебен акцент е ставен на насилството врз жените. Пораката на филмот е оптимистична – дека, сепак, правдата е посилна од неправдата. Ова е прв игран филм на Цветановски. Филмот е по сценарио на Цветановски, а главната улога ја толкува актерката Слаѓана Вујошевиќ. Двајцата претходно имаат соработувано на повеќе проекти, меѓу кои е и видеоспотот на песна на „Феит ноу мор“, а во последните две години и на „Сказните на Биби“. Општествено-ангажираниот филм, кој има модерен и урбан пристап, се снимаше главно во Скопје и на една локација во Куманово. Директор на фотографијата е Фејми Даут, кој заедно со Самир Љума доживеа голем успех со филмот „Медена земја“.
Жирито на Берлиналето оваа година е предводено од холивудската ѕвезда Кристен Стјуарт, која на 32-годишна возраст е најмладиот претседател во историјата на фестивалот. Деветнаесет филмови се натпреваруваат за главните награди Златна мечка и Сребрена мечка.
На годинешното Берлинале трикратниот оскаровец, режисер и продуцент Стивен Спилберг е добитник на почесната Златна мечка за животно дело. Инаку, една третина од филмовите во конкуренција се направени од жени, а тие сочинуваат 40 проценти од сите режисери претставени на фестивалот. Берлинале се рангира со Кан и Венеција меѓу најдобрите европски филмски фестивали. Наградите ќе бидат врачени на гала церемонијата на 25. февруари. Следниот ден ќе има повторени проекции на популарни филмови од годинешната програма.