Home » Кореографијата на Рисима Рисимкин „Котел“ изведена во Битола

Кореографијата на Рисима Рисимкин „Котел“ изведена во Битола

by culturalchat

Кореографијата „Котел“, во организација на Интерарт културен центар, синоќа беше изведена во Центарот за култура, во рамките на четвртоноемвриската програма на општина Битола, која се реализира по повод Денот на ослободувањето на градот.  Настапија танчерите на танцовиот театар Скопје, заедно со студентите на Катедрата за современ танц при УГД. Музиката е на Тони Китановски, а костимите на Благој Мицевски. Кореографијата „Котел“ е создадена во 2018 години од кореографката Рисима Рисимкин за Скопје танцовиот театар и премиерно изведена на Танц Фест Скопје. Оваа кратка кореографија, на музика на Тони Китановски, со костимите на Благој Мицевски е оценета како извонредно достигнување и е селектирана на повеќе светски фестивали, меѓу кои „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија, „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД и „Меритајм силк фестивал“ во Чуанџо, Кина. Кореографијата со огромен успех е изведена на сите странски фестивали, но и многупати во Скопје и низ Македонија.

Соработката на кореографката Рисимкин и Благој Мицевски датира од 1993 година, а од 1996 година интензивно соработуваат на скоро сите нејзини кореографии. Заедно имаат остварено преку 30 проекти, кои патуваат низ целиот свет. Посебно значајно е гостувањето кое Рисимкин и Скопје танцовиот театар го остварија во март 2022 година, кога беа дел од сезоната на Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција со претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, која париската критика ја нарече брилијантна и софистицирана, а Рисимкин како извонреден авангарден кореограф.

Во „Котел“ во Битола настапија членовите на Скопје танцовиот театар: Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска и Бобан Русески, како и студентите на Катедрата за современ танц, при универзитетот „Гоце Делчев“: Сара Димовска, Викторија Коцева, Стефани Шаршмит, Клара Христова и Микаела Ангела Глигорова.

Скопје Танцов Театар е првата компанија за современ танц во Македонија, предводена од Рисима Рисимкин, како основач и уметнички директор, која активно работи во континуитет на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на европската танцова сцена. Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се занимава со истражување и продукција во областа на современиот танц.

Има повеќе целовечерни продукции зад себе: „Меѓусвет“, „Орландо“, „Човек во ходникот“, „Хот“, „Потрага“, серијата претстави под име „Импулс“, потоа „О!(тело)“, „СМС (сите мои слики)“, „Блесок“, „Кожа“, како и повеќе кратки кореографии. Во неговиот репертоар, покрај делата на Рисима Рисимкин, се изведуваат дела на кореографите: Џенис Бренар, Шон Скантелбјури, Њујорк, САД; Џоан ван дер Маст, Нил Вердрун, Тим Персент, Холандија; Катцура Кан, Јапонија; а учествуваат и голем број професори-гости од странство.

Скопје танцовиот театар има остварено повеќе гостувања, низ Македонија, и во странство, и тоа на Интернационалниот фестивал за современ танц и невербален театар „Санвинченто“, Хрватска; Саем за танц во Дизелдроф и Културбункер во Келн, Германија (2012); ИТС-фестивалот во Амстердам, Холандија (2013), „Meet in Beijing“, Пекинг, Кина, и „Open stage“ програмата во Хаг и Ротердам, Холандија (2015), и фестивалот „Share“ во Братислава, Словачка (2017).

 

Related Articles