Викендов во Битола се одржа традиционалната манифестација „Широк сокак во бело-Бела ноќ Битола“. На 10-то јубилејно издание присуствуваа голем број на битолчани, а се одржа на паркингот на плоштадот “Гоце Делчев“ пред Центарот за култура во Битола.
Манифестацијата се одржа во две вечери по пауза од две години поради пандемијата.
Првата вечер, настапи Битолскиот камерен оркестар, заедно со Ламбе Алабаковски, Наде Талевска, Нико Ѓоергиевски, Виктор Апостоловски, Дј Љубиша. Магичната атмосфера на многу забава, насмевки, секоја година е украсена со декорација на екстериерот во белата боја од локалните кафе барови, и убаво дотераните „во бело“ битолчани и битолчанки.
Изненадувањето на вечерта беше младиот Алексеј од Битола кој има само 10 години и пееше пред битолчани за првпат пред толку голем број на публика.
На втората вечер настапи мега популарниот Кирил Џајковски. Претходно атмосферата ја загреваа Дј Љубиша и Дј Ацика.
Џајковски настапи заедно со Владимир Крстев, реге артистот Дејвид Лајон и Драган Младеноски.
Кирил Џајковски е познат македонски музичар и композитор, чија музика се протега низ повеќе стилови. Исто така, тој е автoр и на филмска и театарска музика. Кариерата ја започнал уште во осумдесетите години, во рамките на првата македонска електро-група Бастион, во која членувал и режисерот Милчо Манчевски. Џајковски има снимано албуми и со групата „Леб и сол“, со која настапувал низ цела Европа. Во почетокот на деведесеттите години се преселил во Австралија, каде продолжил да создава музика, комбинирајќи го македонскиот етнос со модерниот електронски звук. Како резултат на тоа произлегол неговиот прв соло-албум „Syntetic Theatre“, кој на независните радиостаници во Австралија станал прилично популарен. Негов следен албум беше „Homebound“.
Пред две години го реиздаде неговиот легендарен албум „Хоумбаунд“ (Homebound), токму првото издание на овој албум дефинираше нов музички правец, во кој традиционалната музика и современата електроника живеат во совршена хармонија.
Исто така ја напиша музиката за врба на Милчо Манчевски, неговиот потпис стои и зад успешните филмови „Прашина“ на Манчевски, „Балканкан“ и „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, „Големата вода“ на Иво Трајков и други.
Претходно еден од најдобрите македонски диџеи, настапи на Егзит, Сити грув во Подгорица,Оver jam фестивал Словенија, на фестивалите во Португалија, Франција, Швајцарија и други фестивали.
Освен настапите тој беше дел од од најновата претстава во режија на Александар Поповски „Хероини“, во театарот во Љубљана за која претстава ја компонираше музиката.
Секоја година најамбиенталната улица, Широк Сокак токму за овој настан е преполна од гости, па така беше и оваа година, сите заедно на една забава во бела боја. Белата ноќ се покажа доста атрактивна за сите граѓани од Битола, но и од Република Македонија, како и гостите од странство кои и овојпат дојдоа во голем број.
Културно-забавната манифестација „Широк Сокак во бело“ во Битола започна во 2011 година токму со настап на Кирил Џајковски. Во изминатите години за убавото расположение на повеќеилјадната публика се грижеа светски познати ди-џеи, и тоа Давид Моралес, Хернан Катанео, Џуниор џек, Том Нови, Соник, Том Боксер и Морена.
„Широк сокак во бело“ беше дел од битолското културно лето Бит Фест.