Голем успех за македонската кинематографија на 32. издание на Сараево филм фестивал – пет награди за два македонски филма.
Филмот „17“ во режија на Косара Митиќ, во продукција на Black Cat Production, освои дури четири награди:
Специјална награда за промовирање на родова еднаквост, Срце на Сараево за најдобра актерка – Ева Костиќ, Cineuropa Prize, UniCredit награда од публика.
Специјалната награда за промоција на родовата еднаквост, воспоставена во партнерство со Mastercard, им се доделува на автори-дебитанти чии дела се одликуваат со силен авторски глас и придонес кон родовата еднаквост во филмската уметност. Наградата ја одразува заедничката визија за инклузивно раскажување приказни и ја истакнува важноста од обезбедување простор за нови авторски гласови во светската кинематографија. Режисерката Косара Митиќ ја посвети својата награда на сите жени во филмската индустрија, со порака да продолжат храбро да творат.
Во образложението за наградата на Костиќ, за најдобра актерка се вели: „Бестрашното стапнување на сцената на еден млад актерски талент. Сирова и длабоко инстинктивна изведба. Улогата ја исполнува со исклучителна емоционална вистинитост, најавувајќи го доаѓањето на актерка со редок и моќен глас“.
Специјална награда Перспектива на младите доби “Скејтбордингот не е за девојчиња” на Дина Дума. Македонските филмски автори и актери беа важен дел од годинешното фестивалско издание. По емотивната премиера на документарниот филм “Добри луѓе” на Милчо Манчевски, критичарите имаа најпофални зборови, истакнувајќи ја емпатијата и љубовта, како и специфичниот, воздржан начин на кој е направен филмот. Премиерно беше прикажан и краткометражниот игран филм на Денис Багашов “Кучињата немаат соништа”, а член на жири беше и Георги М. Унковски. Во програмата Во фокус, беше прикажан филмот „Мајка“, на Теона Митевска, која беше модератор и на CineLink Talks: Are we radical enough.
Наградите ги додели жирито во состав: Емили Вотсон, претседателка (актерка, Обединетото Кралство), Игор Безиновиќ (режисер, Хрватска), Сара Климоска (актерка, Македонија) Матхејс Ваутер Кнол (директор на Европската филмска академија, Холандија) и Атина Рејчел Цангару (режисерка, сценаристка и продуцентка, Грција). Наградата Почесно срце на Сараево ја добија Вуди Харелсон, Диего Луна и Емили Вотсон, која беше и претседателка на жирито.
Наградата Срце на Сараево за најдобар долгометражен игран филм ја доби “Секој пат” на Сандра Волнер. Овие пет признанија за македонските филмови, уште еднаш го потврдуваат квалитетот, авторската сила и меѓународниот потенцијал на современата македонска кинематографија, како и значењето на континуираната поддршка на Агенцијата за филм за развојот и меѓународната видливост на македонскиот филм.
Честитки до авторите, актерите и целите филмски екипи.



