Во четврток во Охрид започнува четвртиот маратон на комедијата кој ќе трае до 14-ти август.
Маратонот вклучува дваесет и две шоуа во исто толку денови. Љубителите на добриот хумор ќе можат да уживаат во настапите на Никола Тодороски, Зоран Донев, Јован Цветкоски, Илија Богданоски, Никола Сиљаноски, како и гостите комичари од соседна Србија: Александар Перишиќ, Никола Силиќ и Ненад Шиља Стефановски.
Во петок на 22ри јули, во 20ч. настапува режисерката Софија Ристевска.
„ Повелете на феминистички, субверзивен и нецензуриран хумор! Јас едвај чекам да застанам на сцена и да започнам да зборувам. Ви го ветувам мојот свет на дланка, без задршки и без рестрикции. Му се заблагодарувам на мојот колега и пријател Никола Тодороски, што се залага за поголемо присуство на жените во stand up комедијата и што ме покани да настапам“, напиша Софија на социјалните мрежи.
„ На овогодинешниот маратон свое шоу на англиски јазик ќе има и Влад Илиќ кој доаѓа од Лондон, како и познатите актери Атанас Атанасовски, Тино Костадиноски и Бојан Кирковски од Скопје. Секако тука се и препознатливите шоуа Импровокација, Евтини Секс Приказни и Two mothers brothers – комеди кабаре на актерите Стрезо Стаматовски и Никола Тодороски“, велат организаторите.
Сите шоуа започнуваат во 20:00 часот, а локација на која ќе се одржи маратонот е познатиот клуб Џез Ин, како и керал сцената на Народен Театар Охрид.