Денес во рамките на Бит фест, ќе гостува Македонскиот народен театар со театарската претстава „Народен непријател“, која ќе се одигра на сцената на Народниот театар во Битола, со почеток од 20.00 часот.
Оваа претстава е добитник на четири големи наградни признанија на МТФ „Војдан Чернодрински“ и тоа за : наградата за уметничко остварување , наградата за главна машка улога во истоимената претстава за Никола Ристановски, наградата за сценографија за сценографката Вишња Вујовиќ и четвртата награда за рекламен материјал на Димитар Димитров. Режисер на претставата е Нина Николиќ.
Во претставата играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски.
„Народен непријател“, драмата во пет чина од Хенрик Ибзен, прв пат е објавена на 28 ноември 1882 година со оригинален наслов „En folkefiende“. Напишана е како одговор по јавниот скандал за неговата претходна драма – „Духови“, која ја критикува хипокризијата и моралот во општеството. На сцена, својата праизведба ја има во Кристијанија (денешен Осло), Норвешка, на 13 јануари 1883 година. Подоцна истата година е поставена во Хелсинки, Финска; Берген, Норвешка; Копенхаген, Данска и Гетеборг и Стокхолм (Шведска). Подоцна е поставена и во Берлин, Германија (1887); Берн, Швајцарија (1888); Виена, Австрија (1890); Париз, Франција (1893) и во Москва, Русија (1900). Оваа драма е и првата драма од Ибзен која е поставена во Комеди Франсез (Comédie Française), Париз, во 1921 година.
„Народен непријател“ е една од најизведуваните драми од овој автор кој се смета за „татко на модерната драма“. До денес има над 1880 премиери на различни сцени низ светот: Европа, Азија, Африка, Австралија, Северна и Јужна Америка.