Изложбата на алтернативна фотографија „Да растеме заедно“, како најава за фестивалот на алтернативна фотографија Зрно, ќе биде презентирана денес од 20 часот во продажниот салон на Културно информативниот центар – Скопје.
Зрно е настанато како инхерентна потреба да ја негуваме шароликоста на нашиот омилен медиум и како отпор кон закоравениот поглед кон фотографиајта кај нас. Зрно се нарекува фестивал, затоа што сака да ја слави фотографијата, во сите нејзини игриви облици. Зрно е иницијатива на неколку фото ентузијасти, кои сакаат да ја слават алтернативнта фотографија, старите процеси во фотографијата и нејзината незаменлива убавина. Зрно сака да ја разигра домашната сцена и да го испровоцира светот. Да го натера да успори, да промисли. Да допре. Да прифати игра, да се отвори за „грешките“. Да се насмее. Да се реобмисли себе.
Оваа изложба претставува и отворање на фестивалот, на кој оваа година ќе се случуваат и работилници за алтернативна фотографија. На оваа изложба, се претставуваат неколку алтернативни автори. Кети Талевска-Бакревска, со своите лумен – принтови. Викторија Мачковска со автентични цијанотипии. Мартина Павлоска, со нејзините весели полароиди. И Сашо Алушевски, со цијанотипии од циклусот Пикторијализам.