Home » Македонското културно наследство – мост на соработка, духовност и трајни вредности

Македонското културно наследство – мост на соработка, духовност и трајни вредности

Македонскиот културно-информативен центар во Софија и Националниот конзерваторски центар – Скопје со заедничка иницијатива за изложба на реставрирани македонски икони во 2027 година

by culturalchat

Во просториите на Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа работна средба меѓу директорот на Центарот, проф. д-р Зоран Пејковски, и директорот на Националниот конзерваторски центар – Скопје, м-р Александар Јорданоски, посветена на можностите за продлабочување на институционалната соработка, афирмацијата на македонското културно наследство и реализацијата на значајни културни проекти во претстојниот период. Средбата помина во конструктивна и пријателска атмосфера, при што соговорниците разменија мислења и идеи за создавање нови можности за културна соработка и презентација на македонското духовно, историско и уметничко богатство пред бугарската и пошироката меѓународна јавност. На средбата, на обострано задоволство, беше изразена подготвеност во текот на 2027 година, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија, да се реализира посебна изложба посветена на вредните македонски икони кои биле украдени од Македонија, незаконски однесени во Албанија, а потоа вратени во нашата држава. Особеното значење на оваа иницијатива произлегува од фактот што по нивното враќање во Македонија, иконите беа предмет на стручна реставрација и конзервација во Националниот конзерваторски центар – Скопје. Со знаење, професионалност, посветеност и висока стручна одговорност, конзерваторските експерти дадоа значаен придонес во нивното зачувување, обновување и заштита како драгоцени сведоштва на македонската духовна и уметничка традиција.

Планираната изложба во Софија ќе претставува значаен културен настан, преку кој јавноста ќе има можност непосредно да се запознае со овие вредни икони, нивната историска, уметничка и духовна вредност, но и со стручниот процес на нивната реставрација и конзервација. Истовремено, изложбата ќе ја афирмира важноста на заштитата на културните добра, спречувањето на нелегалната трговија со уметнички дела и враќањето на културните вредности на нивното матично поднебје. Директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, ја истакна важноста од воспоставувањето и развивањето на вакви партнерства со релевантните национални културни институции, нагласувајќи дека презентацијата на македонското културно наследство надвор од границите на државата претставува една од значајните мисии на Центарот. Во таа насока, ваквите иницијативи се особено важни за создавање нови културни содржини, поттикнување на професионалната соработка и афирмирање на македонското културно богатство пред меѓународната публика. Од своја страна, соработката со Националниот конзерваторски центар – Скопје, предводен од м-р Александар Јорданоски, отвора можности за поврзување на институционалните капацитети, стручните знаења и искуства во насока на уште поголема презентација и заштита на културното наследство. Оваа иницијатива претставува повеќе од подготовка на една изложба. Таа е израз на почитта кон културното наследство, кон знаењето и посветеноста на стручните лица, но и кон одговорноста што институциите ја имаат во неговото зачувување и пренесување на идните генерации. Со ваквите активности, Македонскиот културно-информативен центар во Софија продолжува да ја исполнува својата културна и дипломатска мисија, создавајќи нови можности за презентација на македонската култура, уметност и духовно наследство, како и за развивање на институционални партнерства засновани врз професионалност, взаемна почит и културен дијалог. Зачувувањето на културното наследство е зачувување на историската меморија, духовниот идентитет и вредностите што ги оставаме во наследство на идните генерации. Токму затоа, секоја иницијатива што придонесува за негово претставување, заштита и афирмација е чекор кон трајно вреднување на нашето културно богатство.

Related Articles