По нејзиното успешно претставување во Загреб, изложбата „Во потрага по фотографите Арсовски “ беше свечено отворена во Музејот на град Скопје, во присуство на бројни гости, претставници на културни институции, истражувачи и љубители на фотографската уметност.
Настанот беше посветен на повеќегодишното истражување на фотографското наследство на семејството Арсовски, а воедно и на промоцијата на двојазичната, македонско-хрватска научна монографија „Во потрага по фотографите Арсовски“. Преку истражување во архиви, музеи и приватни збирки, реконструирана е историјата на семејството и неговата значајна улога во развојот на професионалната и аматерската фотографија во македонскиот регион; притоа, посебно место завзема најпознатиот член на семејството — Михајло Арсовски, еден од пионерите на хрватскиот графички дизајн. Со поздравни обраќања на настанот се обратија Валентина Петровска, директорка на Музејот на град Скопје, и Сањин Михелиќ, директор на Музејот за уметност и занаетчиство од Загреб.
Потоа следеа излагањата на проф. Роберт Јанкулоски од Факултетот за ликовни уметности во Скопје, еден од првите соработници во истражувањето на старите скопски фотографи; Дејан Кршиќ, графички дизајнер и автор на предговорот, кој всушност и го иницира почетокот на приказната за потрагата по фотографите Арсовски; како и проф. Љупчо Ристески од Институтот за етнологија и антропологија, еден од рецензентите на истоимената монографија.
За истражувачкиот процес и концепцијата на изложбата и монографијата говореше и Ива Просоли, авторка и кураторка на проектот.
Во рамките на промоцијата, свој осврт за учеството во истражувачкиот проект и придонесот на авторскиот тим од Музејот на град Скопје презентираа Татјана Ѓорѓиевска, Оливера Џартовска Тачевска и Славица Христова. Гостувањето на двете изложби во Македонија, како продолжение на соработката меѓу Македонскиот КИЦ во Загреб и Музејот за занаети и уметности од Загреб, ја потврдува една од клучните мисии на македонската културна дипломатија и стратешките определби на Македонскиот КИЦ во Загреб за воспоставување и развивање партнерства со релевантни хрватски културни институции. Ваквите соработки придонесуваат за зајакнување на културните врски меѓу двете земји, поттикнување на размената на културни содржини, афирмација на македонската култура во Хрватска и на хрватската култура во Македонија, како и за поголема видливост и вреднување на културното наследство и современото творештво на двете земји.

