Како резултат на остварената соработка меѓу македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и Музејот за занаети и уметности од Загреб, две изложби кои минатата година беа претставени пред хрватската публика во македонскиот КИЦ во Загреб, продолжуваат со своето меѓународно претставување во Македонија.
Во среда, 28 октомври, во 19 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ на Националната галерија на Република Македонија ќе се отвори изложбата „Менче Спировска – Визуелни фасцинации од Загреб“. Изложбата за прв пат на македонската публика му го претставува комплетното уметничко творештво на една од најзначајните македонски графички уметници, кое се чува во фондот на Музејот на уметност и занаети, а е создадено за време на нејзините студии во Загреб. На изложбата ќе бидат претставени 15 ликовни графики од Збирката на графики на МУО, 16 дела – поточно, концепти за графички дизајн – од Збирката за графички дизајн на МУО, како и приватни фотографии од нејзиниот „загрепски период“, позајмени од нејзината ќерка, Елизабета Аврамовска. Централниот дел на изложбата е единственото познато – и претходно неизложувано – дело од областа на графичкиот дизајн: концептуален дизајн за промотивна туристичка брошура насловена „Загреб“. Ова дело, кое овде за првпат се претставува во целост, е создадено за време на студиите на уметникот на некогашната, истакната Академија за применети уметности во Загреб – институција што работела од 1948 до 1955 година и оставила значаен белег врз развојот на применетите уметности, дизајнот и визуелната култура во Хрватска. Куратори на изложбата се д-р Антонија Дошен и д-р Кораљка Влајо.
Еден ден подоцна, во четврток, на 29. октомври, во 19 часот, во Музејот на град Скопје се отвора изложбата „Арсовски – Фотографи“; таа е посветена на досега речиси непознатиот опус на семејството Арсовски – фотографско, уметничко семејство чија дејност претставува важна алка помеѓу Хрватска и Македонија. Преку истражување во архиви, музеи и приватни збирки, реконструирана е историјата на семејството и неговата значајна улога во развојот на професионалната и аматерската фотографија во македонскиот регион; притоа, посебно место завзема најпознатиот член на семејството — Михајло Арсовски, еден од пионерите на хрватскиот графички дизајн. Кураторскиот тим на изложбата го сочинуваат мр.сц.Татјана Ѓорѓиовска, Оливера Џартовска Тачевска и мр.сц. Славица Христова од Музејот на град Скопје, како и д-р Ива Просоли од Музејот за уметност и занаетчиство во Загреб. Куратори на изложбата се д-р Ива Просоли и Петра Галовиќ, а изложбата е придружена од двојазична хрватско-македонска научна монографија насловена „Во потрага по фотографите Арсовски“. Гостувањето на двете изложби во Македонија, како продолжение на соработката меѓу Македонскиот КИЦ во Загреб и Музејот за занаети и уметности од Загреб, ја потврдува една од клучните мисии на македонската културна дипломатија и стратешките определби на Македонскиот КИЦ во Загреб за воспоставување и развивање партнерства со релевантни хрватски културни институции. Ваквите соработки придонесуваат за зајакнување на културните врски меѓу двете земји, поттикнување на размената на културни содржини, афирмација на македонската култура во Хрватска и на хрватската култура во Македонија, како и за поголема видливост и вреднување на културното наследство и современото творештво на двете земји.
