Home » Тимо Салминен и Јануш Камински на панелот „Изнаоѓање нови начини до срцето и умот на публиката“

Тимо Салминен и Јануш Камински на панелот „Изнаоѓање нови начини до срцето и умот на публиката“

by culturalchat

Како да се пронајдат нови начини за допирање до срцето и умот на публиката? На оваа тема на 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ се одржа панел-дискусијата „Finding new ways into the audience’s heart and minds“, во организација на EFA/MFPA, со модераторoт Матијас Флајшер. Гости на панелот беа реномираните кинематографери Тимо Салминен и Јануш Камински. Зборувајќи за својот пат кон кинематографијата, Тимо Салминен се наврати на своето семејство и на почетоците во филмот. Неговиот татко бил режисер на 36 филмови, а кога Салминен имал 23 години, неговиот брат веќе работел како директор на фотографија.

„Така филмот `ме зема`“, рече Салминен, кој прво работел како асистент на директор на фотографија, паралелно со своето филмско образование. Подоцна работел како фриленсер на реклами, а потоа и на играни филмови. Салминен е познат по долгогодишната соработка со финскиот режисер Аки Каурисмаки, со кого создаде препознатлив визуелен свет во филмови како Shadows in Paradise, Ariel, The Match Factory Girl, The Man Without a Past, Le Havre и Fallen Leaves.Јануш Камински зборуваше за работата на филмот The Diving Bell and the Butterfly (Le Scaphandre et le papillon), режиран од Џулијан Шнабел. Филмот ја следи приказната на Жан-Доминик Боби, кој по мозочен удар останува целосно парализиран и се буди по повеќенеделна кома. За да го долови неговото субјективно искуство, Камински користел различни оптички и камерски техники, меѓу кои и леќи со кои можел селективно да го контролира фокусот и да создаде нестабилна, нарушена перцепција на просторот. Манипулацијата со фокусот, движењето и брзината на снимањето не биле само визуелни експерименти, туку средства за публиката да го почувствува светот од перспективата на главниот лик. Токму во тоа Камински ја гледа суштината на кинематографијата, техниката да биде во служба на приказната и емоцијата, а не сама на себe.

 

Related Articles