Home » Со „Комитска легенда“ свечено отворени 56. „Илинденски денови“

Со „Комитска легенда“ свечено отворени 56. „Илинденски денови“

by culturalchat

Во свечена атмосфера на платото пред Офицерскиот дом, вечерва беше отворено 56. издание на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“ еден од најзначајните фестивали на традиционалната култура во Македонија и пошироко. По фолклорното дефиле низ битолските улици, со кое учесниците од земјата и светот ја поздравија публиката и го најавија почетокот на фестивалот, програмата продолжи со свечениот протокол и официјалното отворање на фестивалот.
Особен белег на вечерта даде КУД „Илинден“ од Битола, кој со монументалната „Комитска легенда“ ја отвори фестивалската сцена. Оваа антологиска кореографија, која со децении претставува еден од најпрепознатливите симболи на македонскиот сценски фолклор, достоинствено ја раскажува приказната за непокорот, слободољубивиот дух и историската меморија на македонскиот народ. Со моќна сценска енергија, прецизна ансамблова изведба и впечатлива музичка драматургија, „Комитска легенда“ не ја отвори само фестивалската програма, туку го постави и тонот на целото 56. издание … достоинствен, автентичен и длабоко вкоренет во македонската традиција.
Пред присутните се обрати директорот на НУ Центар за култура – Битола, Сашо Илковски, кој истакна дека повеќе од половина век „Илинденски денови“ е местото каде што традицијата не е спомен од минатото, туку жива вредност што се пее, се игра, се раскажува и се пренесува од генерација на генерација.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, нагласи дека градот веќе две недели живее во ритамот на фолклорот, традицијата, играта, песната, филмот и едукацијата. Тој истакна дека годинашното мото „Точка на поврзување“ ја отсликува суштината на фестивалот – да ги поврзува културите, традициите и луѓето од различни делови на светот. Осврнувајќи се на визуелниот идентитет на фестивалот, Коњановски потенцираше дека глуварчето, како централен симбол, ја претставува идејата за движење, размена и поврзување, исто како што „Илинденски денови“ повеќе од пет децении ги зближуваат народите преку културата.
Фестивалот за официјално отворен го прогласи потпретседателката на Собранието на Република Македонија, Весна Бендевска. Во своето обраќање таа истакна дека токму преку „Илинденски денови“ пред светот се промовира автентичниот македонски фолклор – богатството на народните ора, песните и музиката, уникатниот звук на зурлите, тапаните, кавалите и гајдите, како и препознатливиот седумосмински ритам, кој претставува едно од највпечатливите обележја на македонската традиција.
Годинашното, 56. издание, е најобемно во историјата на фестивалот. Во текот на 18 фестивалски денови ќе бидат реализирани 77 настани, со повеќе од 1.300 учесници во претпрограмата и официјалната програма. Публиката ќе има можност да проследи настапи на 34 ансамбли и фолклорни групи од Македонија, САД, Венецуела, Порторико, Грузија, Холандија, Унгарија, Словачка, Грција и Шведска, како и седум концерти на македонски уметници. Со свеченото отворање започна уште едно фестивалско издание што ја потврдува улогата на Битола како место каде што традицијата не е само дел од минатото, туку жива култура што продолжува да ги поврзува луѓето, народите и генерациите.
фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски

Related Articles