Home » Битолчанката Горјана Стојановска одржа концерт во Истанбул

Битолчанката Горјана Стојановска одржа концерт во Истанбул

by culturalchat

Музиката останува и по последниот аплауз. Со концертот на пијанистката, битолчанката Горјана Стојановска, во Ерменската католичка катедрала „Сурп Левон“ во Кадиќој, истанбулската публика имаше можност да се запознае со уметничкиот израз на една од најистакнатите македонски пијанистки. Концертот е дел од програмските активности на Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул за промоција на македонската музичка уметност пред турската публика.„Упатуваме искрена благодарност до пијанистката Горјана Стојановска за незаборавната концертна вечер, како и до сите посетители кои со своето присуство ја збогатија оваа музичка средба меѓу Македонија и Турција“, изјавија од Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул. Горјана изведе дела од Морис Равел, Јоханес Брамс, Петар Илич Чајковски и Фредерик Шопен. Стојановска е родена во Битола, каде го започнува своето музичко образование, а дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Своето професионално усовршување го продолжува во Италија, на Academia Talent Music Master во Бреша. Добитник е на повеќе награди на домашни и меѓународни натпревари и има настапувано на бројни солистички и камерни концерти во земјата и странство. Настапувала како солист со Македонската филхармонија, а во 2024 година и со камерниот оркестар на Националната опера и балет во Виена.

 

Related Articles