Во свечената сала на Офицерскиот дом во Битола, со промоцијата на книгата „Ехо на вековите – Од Курбиново до модерна Италија, со видувањата и зборовите на Киро Урдин – уметник на бескрајот, колоритот и движењето“, од авторот Игор Трајковски Фоја, продолжи програмата на Фестивалот за литература и аудиовизуелни уметности „300 Работи, Триста“. Со оваа промоција фестивалот ја продолжи својата долгогодишна традиција да создава простор за претставување и промоција на значајни книжевни и културни изданија, поврзувајќи ја литературата со визуелната уметност, културното наследство и современите уметнички практики.
Книгата претставува истражување и уметнички дијалог меѓу Курбиново, византиското наследство, италијанската ренесанса и современата уметност, со посебен акцент на видувањата и творештвото на Киро Урдин. Владимир Симоновски, промотор и рецензент на изданието, се осврна на фрескописот во манастирот „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново на особено естетски, визуелен и речиси ритуален начин. Преку анализата на композицијата, движењето, светлината и духовната димензија на фреските, тој направи паралели со раната ренесанса во Италија, поставувајќи го Курбиново во поширок европски културен и уметнички контекст.
На тој начин, разговорот за Курбиново излезе од рамките на традиционалното историско-уметничко толкување и се претвори во современо читање на културното наследство, во кое минатото и сегашноста се среќаваат преку естетиката, визуелниот јазик и идејата за културен континуитет. Промоцијата беше збогатена со изложба на фотографии од манастирот во Курбиново и современа Италија, со што визуелно беа поврзани двата простори, како и со видео-арт презентација. Книгата е проект од национален интерес за 2026 година и е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам, во рамките на програмата „Проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2026 година“. Со вториот фестивалски ден, „300 Работи, Триста“ уште еднаш потврди дека не е само простор за млади автори и аудиовизуелни форми, туку и отворена културна платформа во која книгата, уметноста, наследството и современото творештво се среќаваат во еден заеднички простор.
Фото: Сашо Ставрев и приватнаархива на Игор Трајковски


