Home » Матурски концерт на Илијана Серафимова во Битола

Матурски концерт на Илијана Серафимова во Битола

by culturalchat

На 12 .мај, со почеток од 20 часот во КИЦ Офицерски дом Битола, ќе се одржи матурскиот концерт на Илијана Серафимова, која во Државното музичко училиште е во класата соло пеење кај проф. м-р Маја Митровска.Младата и исклучително талентирана Илијана, неодамна настапи како дел од музичкиот проект „Волшебен еликсир“. Таа уште од својата 6-годишна возраст активно се образува и гради успешен пат во светот на музиката. Своето музичко образование го започнува во нижото музичко училиште по пијано, кое го изучува до 7-мо одделение, при што освојува бројни државни и меѓународни први награди. Од 7-мо одделение па сè до четврта година средно образование, Илијана се насочува кон соло пеење и се оформува како соло пејачка — сопран, постигнувајќи значајни успеси и признанија. Во текот на своето четиригодишно средно музичко образование, Илијана освојува бројни државни и меѓународни награди, како и повеќе први места по солфеж и соло пеење. Нејзиниот талент бил препознаен и надвор од Македонија, каде освојува први места на натпревари во Виена, Италија и други европски земји, како и на речиси сите позначајни музички натпревари во Македонија. Како соло пејачка — сопран, Илијана се усовршувала под менторство на професорката Maja Митровска, а посетувала и мастер часови во Трст кај професорката Мануела Крисцак. Покрај музичките достигнувања, Илијана зборува повеќе странски јазици, меѓу кои италијански, англиски, руски и француски.
Уште од најрана возраст настапувала и на познатите детски фестивали Си До, Тра ла ла, Звездички, каде го покажала својот извонреден талент, сценски настап и љубов кон музиката.
Со одличен успех, бројни награди и огромна посветеност, таа денес претставува вистински пример за млад, успешен и перспективен музичар и соло сопран.

Related Articles