Битола повторно ќе биде домаќин на детскиот фолклорен фестивал „Весел Петок“, кој оваа година се одржува по четврти пат, во чест на празникот Источен Петок – Балаклија, познат како Градски Селски Велигден или празникот на Гинимале. Фестивалот, посветен на негувањето на традицијата, ќе обедини деца од земјата и од странство, кои преку игра и песна ќе ја доловат богатата традиција. Во текот на фестивалските денови, програмата ќе се одвива на повеќе локации, со настапи и активности на различни места. Настаните започнуваат на 16 април со настапи на ученици од ОУ „Даме Груев“, продолжуваат на 17 април со дефиле низ битолските улици и програма во Долно Средсело, додека завршницата е закажана за 18 април во Офицерскиот дом. На фестивалот ќе настапат бројни културно-уметнички друштва од Македонија и странство, меѓу кои гостите: КУД „Топлица“ од Прокупље, КУД „Далмација“ од Дуги Рат, МКС Червени Костелец, како и ансамбли од повеќе македонски градови:КУД „Дримкол“ Вевчани, КУД „Илинден“ Демир Хисар, КУД „8.Октомври“ Крива Паланка, КУД „Мирка Гинова“ Демир Капија, Ансамбл „Бојмија“ Гевгелија, ООУ „Даме Груев“ Битола.
Организаторите упатуваат покана до сите граѓани да бидат дел од „Весел Петок“ – првиот весел петок по Христовото Воскресение, и заедно да ја прослават традицијата, детската радост и културното наследство.

