Home » Битолчанецот Игор Трајковски Фоја добитник на Меѓународната награда за извонредност во Рим

Битолчанецот Игор Трајковски Фоја добитник на Меѓународната награда за извонредност во Рим

by culturalchat

Битолчанецот Игор Трајковски Фоја во Рим е награден за  есејот „Корени и преродби: жената, душата на преобразбата“, на третото издание на манифестацијата „DivinaMente Donna“, во организација на здружението за култура VerbumlandiArt APS.

„ Во време на постојани метаморфози, повторно се навраќаме на едно суштинско прашање: каде се нашите корени и која е душата на преобразбата. Жената е тој корен. Тивката сила што ја носи секоја вистинска преродба. И моето присуство денес во Сенатот на Рим е, на свој начин, тивко сведоштво за таа вистина. Затоа што без темелот на домот , жената, многу патишта не би биле возможни. Благодарност до сите што ја препознаа оваа мисла“, ни изјави Трајковски. Се работи за Меѓународни награди за извонредност кои се доделуваат на истакнати луѓе од јавниот,општествениот и културниот живот на земјата домаќин и Балканот и претставуваат понатамошна инспирација во уметничкото, професионалното и лично патување на секој поединец.
„Мојата прва посета на Рим беше на 5 септември 2016, за канонизацијата на Мајка Тереза во Ватикан. Тогаш работевме на проектот „Мајка“ со тројца филмејкери – Абушек Бадра од Калкута, Газменд Изаири од Тетово и јас. Од тогаш, секое враќање во Рим ми отвора нови перспективи. Десет дена се малку за овој град, а камоли три. Но и за три дена Рим знае да ви даде нова мисла. Овој пат бев во Рим поради свеченото доделување на Меѓународната награда за извонредност. За мене ова е признание, но и потсетник дека зборот и мислата сè уште имаат тежина“, вели Игор.
Како некој што постојано работи со есеистика, истакнува дека овој жанр му стана поблизок преку меѓународните конференции на Institute of Knowledge Management – Skopje, кои ги посетува од 2015 година, како и преку неколку објавени научни трудови. „Секако, тука се и моите искуства од постдипломските студии на ФИОФА во Охрид и ФДУ во Скопје, со професори од повеќе земји. Есејот го прифаќам како поле за креативно размислување.
Кога пишувате текст што го истражувате, кој ве тера да учите и да откривате – за себе, од себе и од околината – тогаш се раѓа вистинскиот есеј“.А темата на овој настан во Рим го натера да размислува подлабоко.
„Мојот текст е естетско-филозофски поглед на темата. Прво тргнувате од сопствениот став, потоа се враќате кон корените – што било направено, како било мислено – и на крај погледнувате кон иднината. Сето тоа го преточив во еден есеј, кој беше преведен на италијански и награден. Благодарен сум на организаторите, а особено на поетесата Регина Реста, која со своите настани нè инспирира да твориме и да размислуваме во овие динамични времиња. Верувам дека секој ден кога ќе научиме нешто ново – е вреден ден. Во еден убав филм има реплика која јасно ја паметам. Еден лик му вели на младиот протагонист:
„Во животот две работи се најважни – образованието и здравјето.“ Тие го прават човекот – човек. Затоа и секоја награда ја гледам како поттик да се продолжи со учење, пишување и создавање. Рим е вечен град. А секоја средба со него е нов почеток на мислата“.На манифестацијата наградена беше и мајката на Трајковски, реномираната писателка Гордана Такец.Го пренесуваме наградениот Есеј во целост:

Корени и преродби: жената – душата на преобразбата

Секоја епоха верува дека е нова.

Но секоја епоха се раѓа од длабоки корени што навлегуваат во меморијата на светот.

Во ова постојано движење меѓу она што било и она што сè уште нема име, жената се појавува како централна фигура на преобразбата: не само сведок на промената, туку нејзино тивко, трпеливо и неопходно потекло.

Жената е коренот на секоја преродба. Не затоа што е неподвижна, туку затоа што ја познава уметноста на останувањето додека сè се менува. Корените не се синџири; тие се живи сеќавања што му дозволуваат на иднината да расте без да се урне. Во време доминирано од брзина, од програмирано заборавање и од кревкоста на односите, женската мисла претставува форма на тивок отпор, педагогија на траењето.

Автентичната преобразба не се случува преку насилно раскинување, туку преку созревање. Жената, во историјата и во универзалната симболика, ја отелотворува токму оваа логика: таа ја претвора болката во искуство, раната во знаење, загубата во можност. Таа не го брише минатото; таа минува низ него. И токму затоа создава преродба.

Во митот, религијата и литературата, жената често се појавува како онаа што ја чува границата меѓу човечкото и божественото, меѓу земјата и небото. Таа е мајка не само биолошки, туку и симболично: мајка на времето, на зборот, на смислата. Таа раѓа не само тела, туку и визии. Во себе ја носи способноста да го прифати другиот без да се поништи, да создава без да уништува, да обновува без да го негира она што било.

Од оваа перспектива, жената како „душа на преобразбата“ не е апстрактен идеал, туку историска и современа реалност. Големите женски револуции не биле само политички или општествени; тие биле пред сè етички. Тие го редефинирале значењето на слободата, одземајќи ѝ ја логиката на доминацијата и враќајќи ја кон одговорноста. Слобода што не се наметнува против другиот, туку со другиот.

Преродбата, во женската мисла, никогаш не е индивидуална. Таа секогаш е однос. Таа е грижа. Таа е свесност за границата како простор на можност.

Во свет ранет од нееднаквости, конфликти и еколошки кризи, жената претставува алтернативна парадигма на развој: не линеарна, не предаторска, туку кружна. Како земјата што го обновува она што гори, како водата што длабее без да уништува, како времето што повеќе поучува отколку што казнува.

Жената е географија на преродбата.

Во неа коегзистираат хаосот и хармонијата, огнот и водата, падот и издигнувањето. Оваа сложеност не е слабост, туку структурна сила. Тоа е способноста да се живее во противречностите без да се поедностават, да се остане човек дури и кога светот турка кон дехуманизација.

Да се зборува денес за жената значи да се зборува за иднината.

Но за иднина што не ги негира сопствените корени. Секоја вистинска преобразба има потреба од меморија, како што и секоја автентична меморија има потреба повторно да се толкува. Жената е овој временски мост: го чува минатото без да го идолизира и го отвора утрешниот ден без да го идеализира.

Женското пишување – и пишувањето инспирирано од женското – отсекогаш ја имало оваа регенеративна функција. Тоа е збор што не доминира, туку слуша. Тоа е јазик што не наметнува, туку открива. Преку поезијата, расказот и есејот, жената ја претвора болката во заедничка нарација, правејќи го приватното универзално, а тишината – глас. Во оваа динамика, жената не го „менува“ само времето: таа го воспитува. Го прави живеалиште. Го хуманизира.

Преобразбата што му е потребна на нашето време не е спектакуларна, туку длабока. Не е непосредна, туку неопходна. Тоа е преобразба на која ѝ се потребни корени за да може повторно да се роди.

А жената отсекогаш ја знае оваа тајна. Зашто знае дека секоја вистинска преродба минува низ чекањето, слушањето и храброста да се остане верен на она што навистина е важно: достоинството на човечкото суштество, грижата за светот и одговорноста кон оние што ќе дојдат после нас.

Во оваа смисла, жената не е само протагонист на преобразбата.

Таа е нејзината душа.

 

 

 

Related Articles