Филмот “Бизнисот на задоволството” беше прикажан во Домот на културата “Илинден” во Демир Хисар. На премиерата поздравен говор одржа режисерот на филмот Гоце Цветановски.„Демир Хисар ни приреди синоќа многу топол пречек. Благодарност до Домот на културата и сите вие кои го проследивте филмот и уживавте. И ние уживавме во рок свирката на Revelation X по проекцијата и дружењето со вас. Се гледаме наскоро со нешто ново“, изјавија од филмот.Улогите во филмот ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски. Димитар Андоновски стои зад музиката во филмот.Ова е филм за љубовта и пријателството, за тоа што значи да изгубиме некој и како се справуваме со оваа загуба. Истовремено обработува една многу важна тема – политичката димензија на сексуалната трговија. Дебитантскиот филм на режисерот Гоце Цветановски се врти околу новинарката Елени, која е опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка што станала жртва на сексуална трговија. Новинарката подготвува тајна операција за да ја разоткрие криминалната мрежа. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола и тие се борат да излезат живи. Директор на фотографија е Фејми Даут, кој е и добитник на наградата за најдобра камера на десеттото издание на „DEA OPEN AIR International Film Festival“ во Тирана за истиот филм. Филмот во својата меѓународна фестивалска година заобиколи пет континенти, се закити со 32 селекции и доби 10 награди, од кои пет за најдобар филм. Тука се и: наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ во САД, највпечатлив филм во Седона, Аризона и многу други.