Home » „М“ на Вардан Тозија со награда на фестивал во Атланта

„М“ на Вардан Тозија со награда на фестивал во Атланта

by culturalchat

Македонскиот филм „М“ на режисерот Вардан Тозија, ја освои наградата за Најдобар интернационален филм на 19-тиот Хорор филмски фестивал во Атланта. На фестивалот беа претставени 12 неверојатни играни филмови од 4 до 6 октомври.„М“ е дистописка бајка во која главен лик е 8-годишниот Марко, кој во суровиот свет обземен од таен вирус е во потрага по својата мајка. Сценариото е на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески-Кикич, а костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек. Маскер е Горан Игњатовски. Улогите ги толкуваат Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Тони Михајловски, Камка Тоциновска и Бојана Грегориќ-Вејзовиќ.Ова не е единствениот успех на “М“. Тука се:две награди на интернационалниот филмски фестивал Макабро, кој се одржува во Мексико. Тозија ја понесе статуетката за најдобра режија во официјалната селекција, а филмот ја доби наградата на публиката. Вардан ја освои и главната награда за Најдобра режија во интернационална конкуренција на најголемиот жанровски филмски фестивал во Јужна Америка, Fantaspoa, чие јубилејно 20-то издание се одржа во Порто Алегре, Бразил, и е единствениот фестивал од Јужна Америка што е дел од престижната Мелиес – Европска Филмска Федерација на фантастични филмови, организација која ги обединува најзначајните 22 жанровски филмски фестивали во светот. На еден од најстарите филмски фестивали во САД, World Fest Houston International Film Festival, македонскиот филм ја доби наградата “Златно Реми“ во огромна конкуренција од над 4000 филмови. Фестивалот во Хјустон низ својата петдецениска историја, промовирал голем број на прославени филмски имиња на американската и меѓународната сцена.Беше прогласен за Најдобар интернационален филм на 16-то издание на филмскиот фестивал “Ноќ на хоророт“, одржан во Висконсин, САД. На затворањето на 28. Софија Филм Фестивал (СИФФ) кога беа доделени наградите за авторите на филмовите во неколку програмски селекции, „М“ја доби специјалната награда на жирито за креативна работа со деца на филм, во извонредно силната конкуренција на филмови од Балканот. Филмот беше прикажан на 73. издание на Берлинскиот филмски фестивал, го отвори фестивалот Синедејс, по премиерата во Битола, имаше италијанска премиeра на филмскиот фестивал во Трст. Вториот долгометражен филм на Вардар Тозија, „М“ е во продукција на „Фокус покус филмс“. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм  и е копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција. Македонскиот филм во Атланта беше прикажан на 5.октомври.

 

Related Articles