Спектакуларно со мјузиклот „Као какао“, впечатлива љубовна приказна инспирирана од безвременската музика на Влатко Стефановски, напишана од Венко Андоновски, а поставена во режија на Дејан Пројковски, во преполната сала на Центарот за култура започна најдолгото и најсодржајното културно лето БИТ ФЕСТ. Ова продукциско дело обедини врвни мајстори на пишаниот зборот, музиката, режијата, актерството и менаџментот и голем број учесници на сцената.
„Мјузиклот ја носи важната порака дека не е доволно човекот само да сонува, туку мора да се бори и да верува за да ги оствари соништата. Како што вели и еден од ликовите во претставата, многу е важно во животот од гасеница да станеш пеперутка, бидејќи останатите луѓе се раѓаат и умираат како гасеници“ вели режисерот Дејан Пројковски.
Битола повторно живее во ритамот на уметноста, музиката и магијата на сцената. Директорот на Културниот и информативен центар ( КИЦ ) Димитар Михајловски рече дека долго време работеа на програмата, со цел да и понудат на публиката квалитет како што доликува за овој фестивал.
„Особено сме благодарни за довербата дадена од градоначалникот Тони Коњановски и Општина Битола кои ни ја доверија организацијата и реализацијата на овој голем проект кој има своја традиција, репутација и препознатливост на културната мапа на Македонија.
Од пристигнатите апликации избравме 70 настани, а тука се и содржините односно традиционалните манифестации кои се случуваат во Битола. Ова е фестивал кој ги обединува сите генерации, со програма креирана за секоја генерација од најмладите до највозрасните“ рече во своето обраќање директорот Михајловски. Настанот го модерираше актерот Петар Горко.
На свеченото отворање на фестивалот своое обраќање имаше градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
„Битола и ова лето ќе пулсира со содржините од богатата програма на фестивалот кој од оваа година го организира Културниот и информативен центар КИЦ Битола за што сум благодарен за организацијата и програмата која ја креираа. Годинава нашиот и вашиот фестивал станува полнолетен, ова е 18-то издание, а желбите се заедно да прославиме уште многу изданија, да ја славиме културата, уметноста, традицијата. Заедно со публиката и уметниците ја негуваме убавината на уметноста, затоа што таа е најголемата вредност што можеме да ѝ ја даруваме на нашата Битола, а секако и на нашата Македонија. Верувам дека сите заедно ќе уживаме во летната магија на БИТ ФЕСТ кој ќе го раздвижи градот и ќе понуди уште еднаш потенцирам програма за секоја генерација“ рече градоначалникот Коњановски кој го прогласи фестивалот за отворен.
За музичкиот дел се погрижи триото String ladies. Честа да го отвори фестивалот му припадна на мјузиклот „Као какао“. Ова беше прво гостување надвор од матичната сцена во МНТ и прва можност приказната да допре до нова публика. По премиерите во Скопје, се направи уште еден чекор на патот што организаторите го замислуваа за „Као Какао“ – живот и надвор од матичниот театар, средби со различни градови и нови гледачи. Станува збор за мелодрамска љубовна приказна сместена во седумдесеттите години на минатиот век, каде што љубовта и амбицијата растат паралелно со притисоците на средината. Во обидот да успеат и да останат свои, младите ликови се соочуваат со невидливите граници на системот, стереотипите и сопствените стравови.
Аранжманите се на Бобан Мирковски, кореографијата – на Олга Панго, сценографијата – на Валентин Светозарев, а костимографијата – на Марија Пупучевска. Вокален ментор е Ана Костадиновска. Во мјузиклот настапуваат: Владимир Петровиќ, Катерина Јовановиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ, Анастасија Митровска. Продуцент на проектот е Баги Комуникации, во копродукција со Македонскиот народен театар.
„Благодарност до публиката во Битола за топлиот прием и долгите аплаузи. Благодарност до Општина Битола и Културен и информативен центар – Битола за поканата и довербата да го отвориме овогодишното издание на фестивалот. Благодарност до целата техничка екипа која ни беше поддршка. И секако, благодарност до целиот авторски тим, ансамблот и оркестарот, чија работа, талент и енергија стојат зад секоја изведба“, истакнуваат организаторите. Следната изведба на мјузиклот е на 20 август на Охридско Лето.
И оваа година на Бит фест, ќе има содржини односно традиционалните манифестации кои се дел од годишнаta програма за култура, како „Битола отворен град“, „Илинденски денови“, „Солстис“, „Локум фест“, „Бела ноќ на Широк Сокак“, „Незаборав“, потоа фестивалот на Хармониките, концерт на барокна музика, концерт на групата „CODE 369“, ќе има концерти на класична музика, детски музички настани, изложби, театарски претстави, концерт на гитари „Битолски гитаристи“, фолклорен концерт „Под звеѕдено небо со Танец и Ладо“. Во текот на фестивалот и настаните на Здружението на уметници ракотворци „Срцето на Македонија“ на македонски ракотворби, како и во „Срцето на Битола, потоа „Чествување на заветот“-мултимедијален перформанс, изложба на фрески и икони, фестивал на електронска музика „Смотра 14“, „СОС“ фестивалот, фестивалот за литература и аудио визуелни уметности „300 работи“, книжевен фестивал или вкупно 70 настани одбрани од стручната комисија на организаторот Културниот и информативен центар КИЦ. Фестивалот ќе трае до 29 август кога ќе биде затворен со јубилејниот концерт на групата „Фолтин“.



