Во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, се одржа 21. по ред Роднокрајна средба на битолските писатели од Македонија, традиционален културен настан кој веќе две децении ја потврдува посветеноста на библиотеката кон афирмацијата на локалното литературно творештво и зачувувањето на пишаниот збор. Настанот го отвори директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, која ја истакна долгогодишната соработка на Библиотеката со роднокрајните писатели, значењето на ваквите средби за културниот живот на градот и моќта на литературата да ги зачува спомените, времето и духовното наследство на Битола.
Во рамките на средбата беше промовиран и Зборникот од 21. Роднокрајна средба на битолските писатели од Македонија. Уредникот на Зборникот и координатор на средбата, м-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски, истакна дека годинашната тема „Тајните од битолските сокаци“ поттикнала голем интерес кај битолските писатели, а творбите на 25 автори се застапени во ова издание. Преку своите литературни записи, авторите ги оживуваат приказните, сеќавањата, луѓето и скриените убавини на старите битолски сокаци, оставајќи трајно сведоштво за духот на градот.
Пред присутните своите дела ги претставија роднокрајните автори: Петре Димовски, Весна Мундишевска Велјановска, Милица Димитријевска Радевска, Мирјана Стојановска, Светлана Папачек, Илче Стојановски, Лили Бошевска, Игор Трајковски – Фоја, Јована Матевска Атанасова, Никола В. Ристевски, Маја Богоевска, Марија Трифуновска Тасеска, Дана Тембелевска, Митра Дупчинова и Аница Златевска. Творбата на Добре Тодоровски ја претстави м-р Фатма Бајрам Аземовска. Покрај авторите кои присуствуваа на средбата, во Зборникот се застапени и творбите на роднокрајните писатели: проф. д-р Зоран Пејковски, Михајло Свидерски, Христо Петрески, Ели Маказлиева, Сања Мучкајева Видановска, Божин М. Аноновски, Белинда Сипковска Гаштарова, Гордана Такец и Гордана Гравчева-Ивановска.
Посебен уметнички печат на настанот му дадоа виолинистките од НУ Камерен оркестар – Битола, Наталија Николовска и Милена Марковска, кои со своите изведби на композициите „Canon in D“ од Ј. Пахелбел и „Ave Maria“ од Ф. Шуберт придонесоа за свечената атмосфера.
Голема благодарност упатуваме до директорот и тимот на млекарницата „Лакталис“ за поддршката и спонзорирањето на коктелот.
21. Роднокрајна средба уште еднаш потврди дека Битола има богата литературна традиција, живо творештво и автори кои со своите дела го чуваат идентитетот, културата и духот на родниот град.

