По повод месецот за популаризација на книгата, а посебно на македонската азбука, во соработка на ООУ „Стив Наумов“ – Битола и НУУБ. Св Климент Охридски, беше одржана работилница со учениците од прво одделение, на која се читаа бајки и се разговараше за значењето на читањето, зошто дигиталниот свет во кој живееме нè поттикнува да го избереме филмот пред книгата според која е направен, а вртоглавото динамичното секојдневие ни го скратува слободното време за континуирани средби со книгите. Сепак, ниту еден изговор не е доволно силен за да го оправда дистанцирањето од книжните извори на знаење и инспирација. Читањето книги без сомнеж го подобрува животот.
„Со секое превртување на нова корица, ние навлегуваме во нови и нови светови кои ги рушат границите што си ги поставува човековиот ум. Анализирањето на размислувања и ставови кои не се поклопуваат со нашите, ни ја распламтува фантазијата и ни ја зголемува креативноста. Книгите се и „порок“ кој создава добра зависност. Колку повеќе читате, толку пољубопитни станувате“, беше истакнато на настанот.
Потоа вештите рачиња на првооделенците во една весела и инспиративна атмосфера изработуваа букмаркери за книги каде се споија љубовта кон читањето и уметноста, а истовремено до израз дојде нивната креативност и уникатност за практична работа.
„Горди сме на нивниот придонес и желба да бидат дел од нешто убаво и корисно.
Голема благодарност до наставничката Јасмина Гочева и до директорот Никола Пискачев“, истакнаа од Битолската библиотека.
