Вечер во Офицерскиот дом Битола, со почеток од 21 часот, како дел од „Илинденски денови“ во рамките а Бит фест 2026, концерт ќе одржи пејачката Елена Андоновска, со наслов „Од Македонија во туѓина“, посветен на незаборавната легенда на македонската народна музика – Васка Илиева. Секоја изведба ќе биде потсетник на богатото музичко наследство кое Васка го остави како трајна вредност за идните генерации. „Од Македонија во туѓина“ е повеќе од концерт. Тоа е културен настан што ја слави македонската народна песна, ја афирмира традицијата и испраќа силна порака за зачувување на националниот музички идентитет. Во вечер исполнета со спомени, емоции и гордост, публиката ќе биде сведок на едно искрено музичко чествување на жената која со својот глас ја претставуваше Македонија низ целиот свет. Андоновска е еден од оние гласови што не ја носат македонската песна само на сцена, туку и низ светот. Во чест на легендарната Васка Илиева, таа во Битола ќе приреди концерт што ќе ги спои спомените, емоциите и вечната убавина на народната музика.
Од Македонија во туѓина, но секогаш со Македонија во срцето.
На 56. издание на „Илинденски денови“ ве очекува вечер исполнета со песни што се паметат, глас што допира и приказни што нè поврзуваат без разлика каде живееме.
Дојдете да ѝ оддадеме почит на Васка Илиева – жената која засекогаш го промени звукот на македонската народна песна, низ интерпретацијата на една од највпечатливите македонски вокални уметници.
Традицијата не познава граници. Добрата песна уште помалку.
