Со прес конференција пред присутните медиуми ЈОУ КИЦ Битола го најави свеченото отворање на осумнаесетото издание на Битолското културно лето ,,БИТ ФЕСТ” 2026. На 19 Јуни, битолчани ќе имаат привилегија да бидат првата публика надвор од Скопје која ќе може да го гледа мјузиклот ,,Као какао”, во режија на Дејан Пројковски, и сценарио на Венко Андоновски.
Ова продукциско дело обедини врвни мајстори на пишаниот зборот, музиката, режијата, актерството и менаџментот, социјално одговорни компании како и педесетина учесници на сцената. Со свое присуство и искрено искажување за мјузиклот на прес конференцијата беа: Влатко Стефановски, Дејан Пројковски, младите актери Владимир Петровиќ и Катерина Јовановиќ и секако продуцентот Владимир Мандичевски од Баги комуникации. Во оваа пригода директорот на КИЦ Битола Димитар Михајловски, најави богато и квалитетно културно лето кое за прв пат од своето постоење се институционализира во лицето на КИЦ Битола.
„Као Какао“ е создаден од луѓе кои ја вложија својата креативност, знаење, посветеност и љубов кон уметноста за да оживее една приказна што одамна чекаше да биде раскажана на сцена. Од првата идеја до светлата на сцената во МНТ, овој мјузикл е резултат на заедничката работа на автори, музичари, актери, уметници, техничари, соработници и партнери кои оставија дел од себе во секој негов сегмент. Насловот на музиклот е според истоимениот девети студиски албум на легендарната група „Леб и сол“ од 1987 година кој се смета за еден од најуспешните во историјата на југословенската рок музика. Насловната песна „Као какао“ е една од најпопуларните на „Леб и сол“. Бројната актерска екипа со маестрален настап прави омаж на делото на Валтко Стефановски и неговиот бенд, измамувајќи овации од страна на присутните во салата. Во мјузиклот настапуваат Катерина Јовановиќ, Владимир Петровиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Јордан Симонов, Рубенс Муратовски, Тања Кочовска, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Григор Јовановски, Стефан Спасов, Антонио Ташковски, Наталија Теодосиева, Денис Абдула, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Ѓорге Нешковиќ, Анастасија Трајковска, Јована Миладинова, Анастасија Митровска и Леонида Гулевска. Кореографијата е на Олга Панго.
Музиката е на Влатко Стефановски, музички аранжмани Бобан Мирковски, сценографија Валентин Светозарев, костимографија Марија Пупучевска, дизајн на светло Игор Митревски, дизајн на звук Игор Божиновски, визуелен идентитет Марко Мандичевски, вокална подготовка Ана Костадиновска, асистент на кореографија Ирена Лозинска, асистент на костимографија Марија Ѓоргиевска. Продуцент Баги Комуникации, ко-продуцент: НУ Македонски Народен Театар. Едни од партнерите се и: Божиновски часовници и накит.


