Петтото издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“, кој годинава за првпат се одржува во три града: Дојран, Струмица и Гевгелија носи исклучително филмско доживување. Иранската кинематографија е во фокус на фестивалот, а публиката ќе има ретка можност да проследи и ексклузивна светска премиера.
Вчера во рамките на програмата „Земја во фокус: Иран“ во Домот на културата во Гевгелија беше прикажан филмот „Шума со портокали“ на режисерот Арман Кансиријан, филм кој носи лирска, визуелно впечатлива интроспекција вкоренета во пејзажите на северен Иран, а потоа се одржа и панел дискусија на тема „Кој ќе ја режира иднината на современиот ирански филм?- Може ли иранскиот филм да се носи со предизвиците на модерното живеење?“ на кој говореа Мехрдад Хамнеи, директор во студиото „Егзит Арт“, Агим Абдула, режисер кој има дипломирано режија во Иран и Дамјана Ивановска филмолог од Кинотека.

Во текот на фестивалскиот ден во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица беа прикажани филмови од краткометражната селекција, како и „Кодот на Преспа“ во режија на Никола Поповски и неколку етнолошки филмови кои се дел од песебната програма на фестивалот. Подоцна со иранската кинематографија се запознаа гледачите во Струмица преку филмот „Проекционист“ Горбанали Тахерифар , кој беше прикажан во паркот пред Домот на АРМ во Струмица и кој донесе топло, носталгично љубовно писмо до самото кино.
Во Дојран во Амфитеатарот се одржа проекција на „Бумбарово лето“ во режија Даниел Кушан, со малцинска македонска копродукција.

Публиката во Дојран се сретна и со лауреатот на наградата „Мето Јовановски“, истакнатиот македонски актер, Тони Наумовски. Фестивалот во чест на лауреатот ги прикажа филмовите „Мојот Њујорк“ и „Лена и Владинир“, а присутните сведочеа на разговор и портрет со Наумовски.
