Битола уште еднаш покажа зошто е вечниот Град на светлината и уметноста, испраќајќи уште едно фестивалско издание во историјата на најспектакуларен можен начин. Центарот за култура синоќа беше сведок на незапаметен аудио-визуелен спектакл кој ги сруши границите помеѓу филмот, историјата и технологијата. На свеченото затворање на 47. ИФФК „Браќа Манаки“, архитектурата на сцената буквално оживеа, трансформирајќи се во гигантско, пулсирачко виртуелно платно преку магичен 3D видео-мапинг кој ја остави публиката без здив!

Изминативе денови публиката во Битола имаше можност да гледа рекорден број филмови со висока естетска вредност. Учесниците не штедеа зборови во пофалбите на сцената. Рекоа дека на фестивалот се чувствувале како едно големо семејство на кинематографери и се заблагодарија на целиот тим што им овозможиле да се чувствуваат како дома.
-Ви благодарам што сум повторно и годинава со вас на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. Ова е магично место. Годинава имав можност да гледам многу филмови, за разлика од минатата година. Доаѓам од Холивуд каде се се врти околу парите и кога дојдов овде во Битола на вашиот фестивал видов уметност на големото платно и тоа ме воодушеви, рече оскаровецот Воли Фистер, кој годинава го предводи жирито во официјалната селекција за Камера 300 заедно со Семи Капланоглу, Давид Шамбиј и Наташа Петровиќ.

Златна камера 300 доби кинематограферот Лукаш Жал за филмот „Татковина“ на Павел Павликовски. Сребрена камера 300 доби кинематограферот Жонгчијанг Лианг за „Непозната девојка“, а Бронзена камера 300 му припадна на Пол Спенгеман за филмот „До крајот на денот“. Селекцијата ја направи Слаѓан Пенев, а од лауреатите во салата присуствуваше Жонгчијанг Лианг, додека Спенгеман и Жал се обратија со видео пораки.
-Ова е прв пат да учестувавам на „Браќа Манаки“ и прекрасно си поминав. Наградата ми значи многу и ќе им ја посветам на студентите во Белград кои сеуште се борат на улиците низ Србија рече Спенгеман и вети дека следната година повторно ќе дојде.
Лианг рече дека иако филмот доаѓа од Кина, сепак приказната е универзална и се заблагодари на целата екипа од филмот особено на сопругата која е режисер на филмот.
-Му благодарам на фестивалот „Браќа Манаки“ што изминативе седум дека имав неповторлива можност да се сретнам со мои идоли од светската кинематографија, да разговарам со нив и да се фотографирам, рече Лианг.
Наградата на Лукаш Жал му ја додели жирито поради не само спектакуларната кинематографија, туку и поради тоа што ја следи приказната. Тој во видео порака рече дека за жал поради работа на проект не е во можност да биде во Битола.
-Изненаден сум, почестен и жалам што не сум таму со вас. Му благодарам на жирито и на фестивалот, рече Жал.

На присутните на свеченото затворање им се обрати директорот на фестивалот Димитрија Доксевски кој рече дека во изминативе седум дена се случи љубов, почит, забава…гледавме филмови, ги учевме децата да го сакаат филмот, гледавме мастеркласови, работилници, огромен број кинематографери.
-Навистина сум многу горд и среќен сум што ова издание многумина од нас ќе го паметат цел живот. Имам многу идеи и мојот тим се потруди тоа да го реализира. Да живее „Браќа Манаки“ со многу љубов и многу почит, рече Доксевски заблагодарувајќи се на тимот и на публиката.

За наградата Кристална камера 300 за студентската камера селектирана од Ханис Багашов одлучуваа Ана Сари, Елеонора Венинова и Мајкл Чонг. Наградата ја доби кинематограферката Милда Јуодвалките за филмот „Зад ридот на Наполеоновата капа“ за „емоционалната интелигенција со која „нè воведува во приказната, водејќи нè низ спомените и сегашноста“
Јуодвалките се заблагодари со видео порака во која рече дека не ја очекувала и многу уживала во проекциите додека престојувала на фестивалот.
Селекцијата на кратките филмови направена од Марија Апчевска и Атанас Велковски ја оценуваше истото жири и Мала златна камера 300 му додели на Хулијан Амару Естрада за филмот „Никој не го познава светот“ за „креативна разновидност со која камерата ја доловува суровата природа на општествената реалност и автентично го прикажува еден тежок свет“.
-Ги гледав сите филмови од оваа селекција и таму имаше мнпгу што ја заслужуваат наградата, затоа ви благодарам, рече Хулијан Амару Естрада.

Документарната програма ја селектираше Кумјана Новакова одлучуваше жирито во состав Дани Салал, Ивана Хаџиевска и Лука Коасин.Железна камера 300 ти им доделија на двајца добитници: Бенџамин Ечазарета за филмот „Кракатауа“ и Максим Катари за „Убавината на магарето“.
-Кинематограферот Максим Катари ја пронајде соодветната дистанца на својот поглед за да ја раскаже приказната, додека Прецизната кинематографија на Бенџамин Ечазарета ја врамува бесконечноста. Тој нè пренесува од површината до срцето на нашата планета. Патување навнатре, кон самите себе, рекоа од жирито.
Лауреатите се заблагодарија од сцената во Битола и изразија среќа и задоволство што се дел од фестивалот годинава.
Специјално признание доби и кинематограферот Ала Кеир за филмот „Ништо не се случува по твоето отсуство“, за „вклопувајќи ја пустината во формат на слика 1.33, со ограничена опрема и специфична мизансцена, снимателот Ала Кеир испраќа силна порака: филмот е сведок на реалноста на луѓето“.


