Театарска сезона Народниот театар Битола ја започна со богат репертоар, а следуваат и гостувања по реномирани фестивали. Првото од нив е на 11 септември, кога претставата „Едмонд“ ќе биде изведена во рамките на 34. издание на Меѓународниот фестивал за камерен театар „Ристо Шишков“, кој се одржува во Струмица од 8 до 13 септември 2026 година.
Шест фестивалски вечери, извонредни камерни претстави, врвни актерски остварувања и незаборавни театарски мигови ќе одбележат уште една фестивалска приказна посветена на актерот и неговата уметност. Претставата е работена по делото на Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски.
„Едмонд“ го следи вртоглавото / спирално патување на бизнисменот Едмонд Бурк и неговите кошмарни 48 часа во њујоршкото подземје, каде што барајќи возбуда и среќа, од баналноста на неговата канцеларија и монотон семеен живот завршува како убиец и подоцна како затвореник, најверојатно осуден на доживотен затвор. Богат со многу параболи, референци на Хамлет и Библијата, прошаран со несекојдневно брутален јазик и агресивни сцени, главното прашање коешто ЕДМОНД го отвора е прашањето на слободата. Што е слободата всушност? Дали потрагата по слобода прави всушност, незабележително да станеме робови на својата (потрага по) слобода. Дали откажувањето / лимитирањето на своите желби го олеснува патот кон слободата? Не случајно, мотото на ЕДМОНД е : “Внимавај што посакуваш.” Иронично, Едмонд изјавува дека е конечно слободен и среќен дури на крајот, по сите перипетии, во затвор, со крајно лимитирана слобода на движење … Во времето во коешто живееме, каде што многу лесно може да имаме се, кога се ни е достапно, кога нашето “силување” на слободата не направи најнесреќни луѓе во историјата на човештвото, ЕДМОНД на Дејвид Мемет е повеќе од потребен како можност за рефлексија на сите нас, да се запрашаме кои сме, каде одиме и какви сакаме да бидемe.
Ликот на Едмонд го игра Огнен Дранговски, а покрај него во претставата се и: Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.
