Битола на 21 и 22 август повторно ќе живее во ритамот на „Широк Сокак во бело” настанот кој со години создава една од најпрепознатливите летни слики на градот на крај на август со илјадници луѓе на улиците, музика во центарот и публика облечена во бело. Годинава програмата започнува на 21 август со Детскиот хепенинг „Широк Сокак во бело“, на платото пред Офицерскиот дом, со почеток во 19:00 часот.
Вечерта е целосно посветена на најмладите, а програмата ќе започне со загревање со кловнот Заги, по што следуваат Мими со Југото, DJ Милојевиќ, детската театарска претстава „Распуст лета, школо цвета“, дружење со маскотите Мики, Мина, Спајдермен и Капетан Америка, настап на Детскиот музички фестивал ТРА ЛА ЛА и Алексеј Ивановски. Еден ден подоцна, на 22 август, градот ја добива својата голема летна сцена. На плоштадот Магнолија ќе се одржи „Широк Сокак во бело“, со музичка програма во која и годинава фокусот е ставен на македонските музичари, бендови и изведувачи.
На сцената ќе настапат DJ Чико, Никола Зацески, Алексеј Ивановски, Паркети, Ѓоко Танески со неговиот бенд и Дац и Александар. Но „Широк Сокак во бело“ одамна не е само концерт.
Неговата најголема сцена е самиот град. Широк Сокак, плоштадот, летните тераси и улиците во центарот таа вечер стануваат едно големо место за средба на различни генерации. Токму тоа е идејата што настанот ја задржува и годинава, Битола да излезе заедно. А единствениот дрес код останува непроменет, а тоа е облека во бела боја. На 21 август ги очекуваме најмладите на платото пред Офицерскиот дом, а на 22 август цела Битола на плоштадот Магнолија и по Широк Сокак.
Два дена. Еден град. Една од неговите најубави летни традиции.
„Широк Сокак во бело | Бела ноќ Битола“ се реализира во рамките на Битфест 2026, со поддршка на Општина Битола и партнерите и поддржувачите на настанот.
