Пред изведбата на мјузиклот „Као Какао“ во режија на Дејан Пројковски, се одржа свечената програма за отворање на годинешното издание на Битолското културно лето Бит фест 2026. Помеѓу свечените обраќања и говори, вниманието го привлекоа три елегантни девојки кои беа дел од музичката програма и ја доближија класичната музика до присутните посетители.
Strings Ladies е уникатно женско гудачко трио составено од академски образувани музичарки: Марија Јанчулеска (прва виолина), Милена Марковска (втора виолина) и Александра Чуруковска (контрабас). Членките на триото се активни професионални музичари со значајно искуство во областа на изведувачката уметност и музичкото образование. Марија Јанчулеска работи како наставник по виолина во ООМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ во Прилеп, Милена Марковска е виолинистка во НУ Камерен оркестар – Битола, додека Александра Чуруковска е контрабасистка во Македонската Филхармонија.

Триото настапува на свадбени свечености, корпоративни настани, културни манифестации, хуманитарни проекти и други значајни пригоди, создавајќи незаборавна атмосфера за секој момент. Покрај приватните и свечените настани, Strings Ladies се активно присутни и на реномирани фестивали и јавни културни случувања, меѓу кои се издвојува настапот на отворањето на БИТ ФЕСТ 2026. Мисијата на Strings Ladies е класичната музика да ја доближи до пошироката публика и да ја претстави надвор од традиционалните концертни сали, покажувајќи дека нејзината убавина и моќ можат да бидат дел од секој свечен, инспиративен и современ настан. Со внимателно избран репертоар, кој ги обединува класичните ремек-дела и современите аранжмани, триото внесува префинетост, топлина и магија во секоја нота.
Strings Ladies – каде елеганцијата, уметноста и музиката создаваат незаборавни моменти.
