Четиринаесет години исполнети со музика, енергија, емоции и безброј незаборавни моменти. Четиринаесет години во кои илјадници луѓе се смееја, пееја, играа и создаваа спомени заедно со нив. Brass Brothers не е само бенд. Тоа е приказна, идеја и мисија. Бенд кој внесе нова енергија на македонската музичка сцена, го промени начинот на кој се доживуваше ноќниот живот, создаде нов концепт на забава, нов репертоар и постави стандарди што подоцна ги следеа многу други.
„Горди сме што оставивме силен печат и што инспириравме генерации музичари. Но, уште повеќе сме благодарни што сите овие години ја имавме вашата доверба, љубов и поддршка.
Денес Brass Brothers е препознатлив како еден од најактивните и најенергичните бендови во Македонија. А кога не прашуваат: Од каде ви е толку енергија? Одговорот е едноставен. Енергијата доаѓа од љубовта кон музиката, од искрената желба да ги направиме луѓето среќни и од секоја ваша насмевка и аплауз. Најголемата награда никогаш не биле признанијата, туку илјадниците насмевки, прегратки, славја и животни моменти во кои сме биле дел од вашите приказни. Од срце ви благодариме на сите што бевте со нас во изминатите 14 години. Без вас, ова патување немаше да биде исто“, истакнуваат од бендот.
Среќен 14ти роденден, Brass Brothers!
Нека ова биде само уште една станица на патот кон многу нови песни, многу нови сцени и уште многу години во кои заедно ќе ја славиме музиката и животот.
