Пред бројна публика во Битола беше промовиран вториот дел од книгата „Приказните од Широк Сокак“ на авторот Зоран Ѓоргиев, петта книга посветена на Битола и нејзиното богато културно и историско наследство.
Книгата е посветена на почитуваниот проф. и хроничар на Битола, Александар Стерјовски, голем вљубеник во градот кој остави значаен белег во зачувувањето на битолската меморија. Рецензент на изданието е Зоран Алтипармаков, дипломиран инженер архитект и советник конзерватор во Одделот за заштита на културното наследство при НУ Завод и музеј – Битола.
„Приказните од Широк Сокак 2“ содржи 16 вистински приказни кои низ повеќегодишно истражување ги оживуваат луѓето, семејствата, куќите, хотелите, кафаните и објектите што оставиле трага во историјата на Битола. Во книгата се вклучени голем број ретки и досега необјавени фотографии од приватни семејни албуми, архивски материјали и лични сведоштва, кои дополнително ја надополнуваат приказната за едно време и еден град.
Низ страниците читателите ќе се сретнат со познати битолски семејства, лекари, трговци, уметници и личности кои биле дел од секојдневниот живот на Широк Сокак, но и со објекти кои денес повеќе не постојат, а некогаш биле препознатлив дел од градската слика. Инспирацијата за книгата произлегува од желбата да се сочуваат приказните кои полека исчезнуваат со времето, а кои ја создавале душата на Битола. Широк Сокак не е само улица, туку жив сведок на генерации битолчани, нивните радости, успеси, љубови и животни судбини.
Големиот интерес кај читателите уште еднаш потврди дека ваквите изданија претставуваат важен дел од колективната меморија на градот и мост меѓу минатото и идните генерации.
Промовиран вториот дел од книгата „Приказните од Широк Сокак“ на Зоран Ѓоргиев
previous post
