Home » Посетете ги мозаиците во Хераклеа

Посетете ги мозаиците во Хераклеа

by culturalchat

Од НУ. Завод и музеј Битола информираат дека мозаиците во Хераклеа се веќе откриени.
„Ве очекуваме да ја раскажеме единствената приказна за ова ретко културно наследство во нашиот град, а вреднувано и почитувано во меѓународни рамки“, се истакнува во соопштението. Хераклеа, главниот град на Линкестида, област во Горна Македонија, во непосредна близина на Битола, е еден од позначајните градови на античка Македонија. Нејзиното основање се доведува во врска со Филип 2, кон средината на 4 век пред н.е. Низ своето илјадагодишно постоење и развој, овој град доживеал висок процвет во раноцарската римска епоха, а особено во ранохристијанскиот период. Во значителна мера тоа се должи и на неговата локација на прочуената сообраќајна артерија на римското царство – Виа Егнација. Благодарејќи на тоа, во Хераклеа ќе се вкрстосуваат најразлични влијанија од западните и источните покраини на римското царство, но при тоа таа никогаш нема да го изгуби својот автохтон карактер.Сo обемните систематски археолошки истражувања превземени во последните децении, Хераклеа повторно на видело го покажува изгледот на својот урбан лик и неговиот развој низ етапите на еленистичкиот, римскиот и ранохристијанскиот период. Покрај бројните и разновидни остатоци од материјалната култура кои се откриваат, денес Хераклеа е позната и значајна со своите подни мозаици. Иако досега откриените мозаици не се постари од доцнаантичкиот период, многу моменти од организацијата, мотивите и мозаичните технички укажуваат на еден подолг континуитет во развојот. Примерокот се приближува кон еленистичките и видливо кон класичниот римски мозаик, кое можеби укажува на моментот дека подниот мозаик во Хераклеа ќе се применува во поголема мера во римскиот период, веројатно некаде во раноцарската епоха. Според своите карактеристики, откриените мозаици може да се категоризираат во две групи. Првата група, изведени во најразновидни мозаични техники: опус сигнинум, опус сектиле, припаѓаат на доцноримскиот период, додека втората и многу позначајна група, каде доминира техниката опус теселатум го претставува ранохристијанскиот период.Доцноримските мозаици се откриени во два профани објекти (вила или терми) надвор од градскиот бедем. Претставите се фигурални и геометриски, блиски до типот на класичните римски мозаици. Иако се наоѓа во еден сакрален христијански објект, во оваа група припаѓа и подот во техника опус сектиле од централниот кораб и олтарниот простор на малата базилика, како претставник на оваа техника, честа во профаните објекти од доцнаантичкиот период. Сите овие мозаици се датираат во 4 век. Најстарите ранохристијански мозаици се со геометриски мотиви (петли, дијамантски крст, кругови кои се пресекуваат), како што се мозаиците од централниот брод и ѓакониконот на големата базилика и мозаикот од катехуменеумот. Co својата организација и мотиви, овие мозаици се надоврзуваат на претходната група. Комбинација на геометриски со фигурални мотиви имаме во претставите на мозаиците кај крстилницата и ексонартексот на малата базилика.

Најзначајната група мозаици досега откриени вo Хераклеа се ранохристијанските, со фигурални претстави во нартексот, бочните бродови и северната капела на големата базилика, како и мозаиците од четирите простории на епископската палата. И во овој случај во инспиративниот и развојниот момент, може да се осети преплетот од остатоците на еленистичката и римската уметност како и новата христијанска, со својот репертоар и симболика базирна на претходните. При ова видливи се моментите инспирирани од еленистичката книжевност, посебно таму каде имаме претстави на градини како што е случајот во нартексот на големата базилика или во претставата на мозаикот од одаја IV во епископската палата.Истовремено забележливи се и влијанијата од Рим, Сирија и Александрија. Во најголем број случаи, кај оваа група мозаици имаме евхаристички претстави, винова лоза симбол на Христ, која излегува од пехар или кантарос најчесто фланкирана со елен и кошута како симбол на верниците и пауни како симбол на бесмртноста. Присутна е и темата на фонтана од која извира вода и каде животните елени, кошути и птици се напојуваат на изворот на животот, каков што е случајот со претставата во одаја II од епископската палата. Во сето ова провејува христијанската порака за приклонување кон Христовата наука, симболично претставена и преку сцените на ловот или пак претставите на христијанскиот рај преку пејсажот, како вечно место на праведниците, каде „и лавот ќе јаде слама како и волот“. Евхаристичките прикази, како симбол на високата сфера на царството божје, во својата основа ги експонираат прастарите примероци на уметноста, особено негувани и применувани во сасанидската уметност на таписеријата. Присуството на водените животни и водениот пејсаж укажува на остатоците од александриската еленистичка уметност инспирирана од пејсажот на Нил. Co своите технички, уметнички, иконографски, стилски и симболични карактеристики, се издвојува претставата на мозаикот од нартексот на големата базилика, како извонреден пример на ранохристијанската уметност. Овој мозаик во целост ги сублимирал традициите од еленистичката уметност, посебно александриската, римскиот сликан пејсаж и сириските влијанија. Секако дека овој мозаик е дело на мозаичари кои вo Хераклеа дошле од позначаен културен центар. Тесните врски на хераклејската епископија со солунската архиепископија во овој период, може да укажува дека тие доаѓаат од Солун, но не е исклучена можноста, тие да се мозаичари од Константинополис, Антиохија или Александрија. Истовремено, големата употреба на вештачките пасти како мозаичен мaтeријал го приближуваат овој поден мозаик до ѕидните мозаици. Воочливо е, дека подоцните мозаичари кои ги изготвиле мозаиците во епископската палата, се инспирирале од овој мозаик. Тоа е видливо кај бордурата од апсидалната одаја и приказот на подот вo одаја 4.

Според досегашните сознанија, период на најзначаен развој на мозаикот во Хераклеа е петтиот и првата половина на шестиот век односно до крајот на период Јустинијан 1. Стилските и иконографските карактеристики на Хераклејските подни мозаици ги доближуваат до мозаиците во Стоби и Лихнидос (Охрид) во Македонија и Никополис вo стар Епир, кое можеби претставува едно уметничко подрачје. Истовремено, овие карактеристики укажуваат и на новата византиска уметност која е во својот зачеток.

Информации:НУ. Завод и музеј Битола

Related Articles